Тагата на месечината – Шарл Бодлер

На месечината сонот вечер е полн со мрза,
како убавица меѓу перници што лежи
и со расеана рака, мирно, без да брза,
пред да заспие градите си ги гали снежни,

премалува, низ грб меки лавини ѝ минат,
на долгите несвестици страсно им се дава,
белите облици – чудни билја ѝ се чинат
што одеднаш на небото чисто ќе се јават.

Кога таа во тагата со здодевност полна
ќе испушти скришум солза, еден поет колнат
занесен слепо, и со сонот скаран,

в срце ќе ја стави нежно таа солза бледа,
– врз која чудесен блесок на опал се гледа-
таму каде што сонцето нема да ја бара.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели