Радован Павловски – Маја

Тоа беше како проклетство што дење гледав ѕвезди.

Ти се приближував и моите прсти се полнеа мрак и говор.

Како скитник се плашев да легнам на патот сам и да заспијам

оти царски мрави можеа да ме сретнат и да ми ја распарат кожата.

Но, ти ме качуваше во воздухот

и како птица стоев на врвот од твојата кула

а пред мене мојата душа го гаснеше громот

што светкаше во облаците.

Одбравме место. Широко место за градини и ѕвона.

Јас влегов како берач во градината полн со свиркања

а ти полна со овошје.

Околу нас забележав траги на крадливци.

Зората врвеше меѓу прстите.

Штурците под земја закопуваа бело цвеќе

да не остане зимата без убавина.

Тоа беше како проклетство што дење гледав ѕвезди.

Го расчистував патот да не ти се случи зло.

Во воздухот го слушавме плачот на нашиот пород.

Уништував секакво друго богатство

за да се види нашето чисто богатство

со пожар во срцето.

Рацете ги постилав по земја оти доаѓаше ти.

О, горделиви ѕвона што го разнишавте небото

намирисано со мајкина душичка.

Врати им го тој модар камен на водите

во чија кутија е затворен цутот на тревите,

плимата на морето.

Моето срце зрееше со житата.

Сонцето во попладневните часови оживува болест во собите.

Ставив цвет да го цица воздухот,

во ливадите се бореа јунци, наоколу мирисаше на војна,

невидлива војна, потем свадба оти јас и Маја бевме родени како крал и кралица.

Венчани од плимата, упропастени од дождовите.

Црвено овошје нѝ ја осветлува постелата.

Една сенка од чумата застанала на мојот прозорец,

сенката што нѐ сокриваше кога потајно се состанувавме во шумата.

Тоа беше месец кога жолтиот цут на дреновите капеше над снегот.

Тоа беше месец на нашата љубов.

Месечината како црна калуѓерка се шета во високо цвеќе.

Земјината тежа ја прашувам:

„Каде се скри? О, Мајо – роса и оган!

Да порасте лебот, да прекипе млекото над огништето!“

Залудно,

една драматична сенка од театрите

се шета изгубена по патиштата.

Ги мирисам воените ружи на самовила – жетвар на војни.

Моето тело ќе исчезне во соновите,

но ќе остане моето модро свиркање да ги плаши птиците.

По жарот во огништето го препознавам дрвото од шумата.

Летото влегува со змии што ги чуваат под јазикот гласот на мртовците.

Во високите жита брод што ќе отплови заедно со потопите.

О, дете што плачеш!

Твојот татко е младич што се скита по пладнињата и пишува поеми за Сонцето.

Барам да те заспијат на ридот меѓу модри темјанушки,

да ја гледаш зголемено убавата слика на Сонцето

и лековитата боја на медот на пчелите што се парат.

Се намалува денот, настапува слепило.

Јас сега сум љубовник на изгубени слики,

билје, чад, без тело иднина.

Децата спијат в жито со свиркање на усните

и се бунат против птиците што ги надлетуваат во сонот.

Јас момче пред спиење,

ги бакнувам растртените ружи.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели