Skip to content

Приказна за трпението и времето кои го спасиле човештвото

Си било еднаш едно време кога трпението им недостигало на сите во светот. Луѓето живееле нетрпеливо, владеело речиси целосно безредие. Државите немале никакво уредување, не постоеле законите ниту класните поделби. Човечкиот живот бил отежнат, израмнет со борба за преживување. Луѓето можеле да го изгубат сопствениот живот на мошне банални начини иако знаече да читаат и пишуваат. Не биле целосно неуки. Еден нем човек кој никогаш не влегувал во расправии со никого поради неговата немост, бил еден од најстарите жители на главниот, но многу сиромашен град. Со него никој не почнувал борба бидејќи не провоцирал ниту имал нешто да каже.

Немиот човек доживеал длабока старост и иако нем сепак бил еден од најмудрите старци кои Коста ги познавал. Еднаш кога за малку ќе го изгубел својот живот во жестока расправија, Коста пошол кај немиот човек. Покрај тоа што не можел да му одговори, Коста сепак му поставил прашање: „Како ти успева да си секогаш смирен?“. Немиот човек многу добро го разбрал прашањето. Можеби не можел да зборува, но слухот му бил многу добро развиен. Немиот човек зел лист хартија, на нејзе напишал само еден збор: „Трпение“.

Коста го прочитал зборот и најпрво не го сфатил значењето на одговорот. „Дали го разбравте моето прашање?“, повторно му упатил прашање на немиот човек. Човекот што го изгубил гласот многу одамна, на истиот лист од другата страна, повторно напишал: „Трпение“. Младиот човек најпрво помислил дека немиот старец малку е надвор од умот, но по кратко размислување сфатил. Во трпението лежел клучот. Старецот смиреноста ја беше поистоветил со трпение. Но, дали трпението секогаш е решение?

Многу години подоцна кога Коста веќе го усвоил советот којшто не му беше целосно образложен, се потсети на денот што ќе го платеше со живот и на средбата со немиот човек. „Детството го поминав  во држава без уредување. Крвопролевање и безредие демнеа насекаде околу мене. Неколкупати со свои очи видов како луѓето се убиваат со раце за едно парче леб или вода“, си размислуваше Коста. Откако почна да го практикува трпението, беше сè повоздржан. Со тек на време многу ретко влегуваше во конфликти со другите.

„Трпение“, си мислеше Коста. Тој прерасна во вистински мудар зрел човек. Благодарение на него редот во државата почна да се создава. Луѓето престанаа да се убиваат и се воспостави хармонија после многу долго време. Неговото трпение и времето станаа сојзуници, тој ги спои. Трпеливо чекаше вистински момент за да ги подучи луѓето. Тие му веруваа, тој им влеваше сигурност. Најпосле им стана водач, ги насочуваше, им помагаше, ги советуваше.

Коста ги научи да бидат толерантни едни кон други, да се почитуваат и да бидат вредни. Им покажа дека безредието води кон смрт и себеуништување. Благодарните луѓе за возврат му ја поклонија нивната доверба и послушност. Градот после долги години не беше веќе толку сиромашен. Почнаа да се одгледуваат ниви со најразлични зеленчукови овошни и зеленчукови семиња. Луѓето повеќе не гладуваа, имаа цел и си го сакаа својот живот. Така полека низ годините почна да се создава редот. Благодарение на само еден збор којшто немиот човек го беше напишал на листот хартија.

Наталија Наумовска

Можеби ќе сакате да ја прочитате и следнава поучна приказна за истрајноста.

Напишете коментар