Монологот на Хамлет – Вилијам Шекспир

„Трагичната повест на Хамлет, Принцот Дански“, или скратено само „Хамлет“ е една од најпознатите трагедии на Вилијам Шекспир. Се претпоставува дека Бардот од Авалон оваа драма ја има напишано во периодот помеѓу 1599 – та  и 1601 – та  година. Драмата се фокусира на теми како одмазда, инцест, лудило, гнев, предавство, убиство, љубов и климање на моралот.
Во продолжение можете да го прочитате познатиот монолог на Хамлет кој, низ овие зборови си ги мери сопствените морали и го поставува она познато прашање „Да ме има или да ме нема?“

Да ме има или да ме нема, ова ме мачи дали е подостојно за духот да се трпат
праштите и стрелите на бездушната судбина,
или да се крене оружје против морето
премрежиња
и низ борба да се сотрат. Да се умре, да се заспие ништо повеќе; и со сонот да се рече ги сотревме
срце-јадот и илјадниците вродени потреси
чиј наследник е телото – ова е скончание
достојно за копнеж. Да се умре, да се заспие да се заспие, можеби да се сонува. Е, тука е
сопката,
зашто помислата што сонови во сонот по смртта
би ни дошле,
откако сме го одмотале смртниов калем,
нѐ фрла во недоумица. Ова и е причината
што го храни долгиот век на трпистраданието;
зашто кој жив би ги трпел камшикот и презирот на
времето,
неправдите на подјармувачот, понижувањата на
гордиот,
маките од невреднуваната љубов, доцнежот на
законот, самоволието на власта, и клоците
што кротката заслуга од невредниот ги прима,
кога самиот може да си обезбеди спокој
со еден удар на ножот? Кој би се впрегнал ко вол,
да офка и пот да лее, во јаремот на животот,
да не е стравот од нешто по смртта,
неоткриената земја од чии меѓи
ниеден патник не се вратил, што волјата ни ја
кочи,
и нѐ тера молкум да ги трпиме злата што се тука
место да итаме кон други за нас сѐ уште
непознати?
Вака свесноста од сите нас прави кукавици,
и вака природната боја на решителноста
нездраво се премачкува со бледата нијанса на
умот,
па потфати од најголем калибар и важност
заради ова скршнуваат од текот
и се губат во беспаќе. Но потивко сега,
еве ја убавата Офелија. – Нимфо, во молитвите
твои
сите мои гревови спомни ги.

Препев: Проф. д-р Драги Михајловски.


Прочитајте и нешто повеќе за „Хамлет залутан низ времето“.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели