Поезијата на Лорка, еден од најголемите лиричари воопшто

Поезијата на Лорка, еден од најголемите лиричари воопшто, е читана во цел свет, а неговите песни се преведувани на многу јазици. Во својата поезија, Лорка најчесто обработувал мотиви од суровата Андалузија, за кулите, камбаните и зорите на Гранада, биковите и тореросите, Циганите и нивните песни и ритми, насадите со маслини и портокали итн. Неговите стихови се полни со сликарско-музички елементи, со компликувана оркестрација, голема звучност и меѓузвучност и бројни јазични пресврти. Иако во основата на неговата поезија лежат народните и циганските песни од Андалузија, Лорка изградил оригинален и модерен поетски јазик. Останал настрана од тогашниот водечки поетски правец во Шпанија – ултраизам (шпанска варијанта на модернизмот), но од него ги презел најсмелите и најтешките елементи.

Првите дела на Лорка

Своето прво дело го објавил во 1918 година- збирката песни во проза „Импресии и пејзажи“, а во 1921 г. се појавила неговата прва поетска збирка, „Книга песни“. Во 1925 година објавил неколку песни од подоцнежните збирки „Цигански романсеро“ и „Песната на Канте ходно“ и ја завршил драмата во стихови „Маријана Пинеда“ која била поставена на сцената две години подоцна, во режија на Маргарита Хиргу, сценографијата била дело на Салвадор Дали. Во 1927 година го напишал есејот „Поетската слика кај Гонгора“. Една година подоцна излегла од печат збирката „Цигански романсеро“, истата година напишал неколку песни од подоцнежната збирка „Поетот во Њујорк“.

Во 1930 година, во Мадрид била поставена неговата пиеса „Чудесната чевларка“; во 1931 година била објавена збирката „Песната на Канте хондо“, како и некои песни од „Поетот во Њујорк“, а истовремено почнал да го пишува циклусот „Тамаритски диван“; во 1933 година биле прикажани драмите „Крвави свадби“ и „Љубовта на дон Перлимплин“. Во 1934 година се одржала првата изведба на драмата „Јерма“ и ја напишал поемата „Тажачката за И. С. Мехијас“, која ја прочитал во Мадридскиот театар при стотата претстава на „Јерма“.

Во 1935 година излегле од печат шесте галициски песни, како и неколку газели и касиди, а ја напишал и „Дона Росита или говорот на цвеќето“. Во 1936 година биле објавени „Крвави свадби“ и „Први песни“, а пред поетите Гиљен, Алонсо и де Торе за првпат ја прочитал драмата „Домот на Бернарда Алба“. Првите собрани дела на Лорка биле објавени во 1938 година, во Буенос Аирес, а во Шпанија, неговите собрани дела биле објавени дури во 1954 година.

Скулптура или статуа на Федерико Гарсија Лорка во Булеварот Де Авда. (Гранада)

Најпознати негови дела се:

„Песни“ (поезија),

„Цигански романсеро“ (поезија),

„Поет во Њујорк“ (поезија),

„Крвави свадби“ (драма)

„Домот на Бернарда“ (драма).

Најпознати песни на Лорка

Најпознати песни на Лорка се: „Неверна жена“, „Тажачката за Игнасио Санчес Мехијас“ и „Романса на шпанската жандармерија“.

Во едно писмо, Лорка вака ја опишал својата книжевна постапка: „Сега пишувам поезија за да се отворат вените, со емоција во која се огледува целата моја љубов кон нештата и мојата радост кон нештата. Љубовта на смртта и фарсата на смртта. Љубовта. Моето срце. Така е тоа. По цел ден развивам, како некаква фабрика, поетска активност“. Во друга прилика, на едно предавање за својата поетика, тој истакнал дека „не верува во уметникот што седи, туку во уметникот кој е постојано во движење“.

Осврт кон поезијата на Лорка

Творештвото на Лорка било предмет на бројни студии, предавања, есеи и книги, а за него пишувале: Рафаел Алберти, Алтолагире, Сернуда, Хименес, Дали, Мачадо, Гиљен, Хернандес, Пабло Неруда, Паро, Пандолфи, Диего, Касу, Салинас, де Торе, Цара, Беламиш, итн.

Автентичната и генијална поезија на Лорка, една од големите обновителки на новата шпанска лирика, поаѓа од убавината и богатството на шпанската народна песна и од барокниот раскош и виртуозната поезија на Луис де Гонгора. Сепак, нуркањето на Лорка во шпанската народна и книжевна традиција не одделила од современите текови во поезијата. Навистина, неговиот вкус, ерудиција и фантазија ѝ се спротивставуваат на помодноста, но во неговите стихови се огледаат сликите на неговите учители, Мачадо и Хименес, како и метафорите на модерната европска поезија, од симболизмот до надреализмот.

Салвадор Дали и Федерико Гарсија Лорка

Поезија со богати духовни содржини

Уште се својата прва збирка „Книга со песни“ од 1921 година, Лорка го свртел вниманието како исклучителна новина во шпанската поезија. Исполнета со младешките возбуди и спомените од детството, збирката ја бара рамнотежата меѓу богатата шпанска книжевна традиција и новите тенденции, особено надреализмот и ултраизмот. Оваа збирка ги содржи песните „Сенката на мојата душа“ и „Балада за морската вода“ – првата е младешка, нежна песна со нова поетска структура, слободен стих и со мека инкантација на асонансите, а втората густа синтеза на болката која ги навестува идните нежни и блескави пејзажи на Лорка.

Овој период од неговото творештво е многу значаен зашто во него се започнати циганските романси и „длабоките песни“ кои подоцна ќе го кренат во врвот на шпанската поезија. Заедно со своите врсници Гиљен, Алберти, Диего, Салинас и Алтолагире, Лорка ги прифатил идеите на неговите претходници од познатата генерација на 1898 година и ја започнал големата обнова на шпанската поезија. Токму 1920-тите се пресудни во формирањето на поетскиот профил на Лорка, а тоа е времето кога тој созреал духовно и интелектуално, го култивирал својот поетски јазик, го згустил поетскиот израз, а неговата поезија се исполнува со богати духовни содржини.

Потписот на Лорка

Главни “точки“ во поезијата на Лорка

Ако во поезијата на Лорка треба да се издвојат главните точки, тоа се збирките: „Длабоки песни“, „Цигански романсеро“, „Тажачката за Игнасио Санчес Мехијас“ и „Поетот во Њујорк“. Меѓу нив, Лорка создал голем број сериозни остварувања (оди, газели, касиди итн.), но во овие неколку збирки доаѓа до израз она што е вистински ново и вредно во творештвото на Лорка. „Песната на Канте хондо“ е целосно свртена кон изворите на сигирии, саети и солеи, задлабочена во бунарот на гитарата и во сеќавањата на Шпанија од минатото. Иако збирката содржи цел регистер на музичкиот фолклор и народната поезија, таа претставува вистинска модерна лирика.

Народниот фолклор е инспирација и за најпознатото дело на Лорка, „Цигански романсеро“, а со „Тажачката за Игансио Санчес Мехијас“ се заокружува поезијата на Лорка инспирирана од типично шпанските теми. Збирката „Поетот во Њујорк“, објавена посмртно, претставува речиси единственото негово излегување надвор од шпанските теми и со него Лорка навлегол во сцоијално ангажираната поезија.

Главни мотиви во делата на Лорка

Во сите дела на Лорка постојано се провлекуваат два мотива: љубовта и смртта, кои во неговата поезија се преточени во единство. Лорка пее за љубовта кон Шпанија, кон жената, кон убавината на светот, а над љубовта, како судбина и како неизбежна вистина, се наднесува смртта.

Извор

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели