Песна на денот: „Огнот не знае. Пепелта не знае“ – П. М. Андреевски

Во чест на раѓањето на македонскиот поет Петре М. Андреевски, денес со титулата „Песна на денот“ ја крунисуваме песната „Огнот не знае пепелта не знае“. Песната е исклучително емотивна, длабока и полна со симболика. Уживајте во читањето.

(Поплаката на јагленарот)

Огнот не знае како станува од пепелта,
пепелта не знае што била пред огнот,
како и годината што не знае,
колку години е со мене,
кому му е лесна година,
а кому –тешка денгуба.
Огнот не знае колкупати горел,
до кај било негово, до каде – од пепелта
Огнот не знае кој во кого се создава
пепелта не знае кој во кого исчезнува.
Само јас дознав што ќе беше со огнот,
ако не се сретневме,
не знаејќи да се разминевме.
Зошто огнот не знае што му кажала пепелта,
а пепелта не знае што раскажала за огнот.
Огнот не знае
кој ќе го извадеше од кременот,
ако задоцнев со раѓањето,
ако никогаш не се родев
и кој ќе го преведуваше низ мракот,
низ горите и горењето,
кој ќе му дувнеше душа и височина
(топлината ќе беше уште неразбрана,
а радоста и несреќата сѐ уште непронајдени).
Огнот не знае што да прави со пепелта,
пепелта не знае што направила со огнот,
само јас дознав кој со кого е во преписка,
кој во кого е и кој без кого е,
Огнот не знае кој би го спомнал без пепелта,
пепелта не знае за спомени без огнот,
ако јас не го угаснам, ако со мене не догори.
Зошто огнот не знае кој денизден го краде
и кој одново му го враќа украденото.
Пепелта не знае што била без огнот,
кој ја води напред, што остава зад себеси.
И обата не ќе знаеја: кој на кого се потпира,
кој од кого е повидлив, кој-кого ќе надживее,
ако и јас крајот свој
во сјајот нивни не го видев.

 

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели