Skip to content

Ниедна болка нема да те скрши ако волјата за живот е поголема од сè

Што е тоа болка ако не патоказ кој води кон себеспознавање? Што е болката ако не начин да се ѕирне подлабоко во себе? Само оној што вистински го вкусил вкусот на болката ги цени среќните моменти повеќе од сè. Ако тагата е спротивна од среќата, болката е спротивна од уживањето. Што правиме со болното уживање и плачењето од среќа каде тагата и среќата се испреплетуваат? Чудни се одаите на душата, некогаш несфатливи, честопати без вистински да влеземе во нив.

Кога еднаш ќе влезеш во одајата на болката знаеш дека после излегувањето нема да бидеш никогаш ист. Ниедна болка нема да те скрши доколку си го љубиш животот и волјата за живеење тлее во тебе катаден. Ако не сакаш да живееш запрашај се зошто воопшто си дошол на овој свет? Твоето постоење никогаш не е залудно, има своја цел дури и ако во моментот не можеш да ја согледаш. Еднаш кога ќе се појави ќе ти стане јасно зошто со секое срцебиење си поблиску до остварување на целта.

И кога тешки камења ќе се накалемат на твојот грб, кога ќе проголтуваш тешки солзи, имај надеж. И кога тешки бремиња на твоите гради ќе се спуштат, полека почни да ги симнуваш, дел по дел. И кога тешки мисли ќе ги надвјасаат позитивните, насмевни се, бидејќи нема да траат долго. Ако траат долго, полека почни да им го покажуваш патот кон светлината. Таму мрачните мисли сами од себе се уништуваат.

Ниедна болка нема да те скрши ако не ѝ дозволиш. Можеш да дозволиш само да те зајакне и да бидеш посилен од претходно. Кога на болката ќе гледаш како на животно искуство кое те зајакнува тогаш си ја сфатил смислата на животот. Сечија смисла за живот може да биде различна, но целта на постоењето на сите ни е иста. Да бидеме луѓе, да чувствуваме, да љубиме, да тагуваме, да се смееме. Накратко, да правиме спомени и доживувања што ќе се помнат доживотно. Такви доживувања што ќе се раскажуваат минимум  до три наредни поколенија. Затоа болката не треба да биде пречка за ништо. Туку стимул да бидеме подобри, низ неа и преку неа да зајакнеме.

„Шоуто мора да продолжи“ секогаш, без нас или со нас. Наше е да не се откажеме никогаш без оглед во колку болни одаи ќе влеземе бидејќи најважно е какви ќе излеземе од нив. Ниедна болка нема да те скрши ако научиш да зајакнеш од неа.

Н.Н

Напишете коментар