Skip to content

Очите на Елза – Луј Арагон

Твоите очи се толку длабоки кога се веднаш над нив
во нивното огледало деновите го гледаат својот лик
во нив умира секој кого надежта го напуштила вмиг
Твоите очи се толку длабоки во нив паѓа споменот сив

Галеб писка и дивото море ја заглушува птицата
вчас се разведрува и се топи бојата на очите твои
за ангелите летото од облаци шамија крои
небото секогаш најсино е над пченицата

Напразно ја гони ветрот тагата на небото во висината
посјајни се твоите очи кога во нив солза ќе блесне
љубоморно им е небото по дождови пресни
најдлабоко е синилото на стаклото кај пукнатината

Седумтага мајко о блесок влажен
Седум ножеви ја пресекоа призмата на боите
Најостро е сонцето кога ти мавта во солзите свои
И ирисот е посин кога го бои на траурот ликот тажен

За пролетта на зборовите доста е една уста без лаги
За сите воздишки и за сите стројни песни
Но толку ѕвезди тлеат што небесата им се тесни
Позајми им ја на твоите очи близначката магија

Детето замелушено од виденија и чуда во ветрот
Не ги ококорува своите очи што бледнеат
Како ти твоите кога зачудено во мене гледаат
Небаре диви цутје отвора еден дожд во светот

Молња ли крие лавендулата на твоите очи
Кајшто небесни црви љубовта си ја јадат и пак се раѓаат
Живеам на нишката до ѕвезди што паѓаат
Како бродоломник во августовски ноќи

Плен ми стана овој радиум со раскошна боја
Прстите ми ги гори ко забранета река од оган
О твоите блескави очи дадени од Бога
Твоите очи се мојот Перу мојата Голконда и Индија моја

Во една сјајна ноќ светот се растури ко солза
На една карпа и огнени знаци летаат
А јас над морето ги гледав како светат
Очите на Елза Очите на Елза Очите на Елза

Напишете коментар