Сонет бр. 104 – Вилијам Шекспир

Сто и четвртиот сонет на Шекспир е еден од најубавите сонети кои тој ги напишал. Како и во повеќето Шекспирови сонети, така и во овој главни теми се убавината, стареењето и минливоста на животот, a помеѓу сите нив вешто е сокриена и љубовта. Бардот од Авон во овој сонет му се обраќа на Младичот на кого овој и многу други сонети му се посветени и како што нему му ја објаснува неговата навидум вечна младост и убавина, така и нам на самиот крај ни држи лекција за минливоста дури и на таа вечност и надворешна личотија, со тоа алудирајќи можеби дека таа вечна убавина за која тој зборува се крие во окото на тој што гледа и во душата. Уживајте во читањето.

За мене, пријателе убав, никогаш стар нема да бидеш,
зашто убавината ко што ти беше кога те сретнав
таква, ми се чини, ти е и сега. Три студени зими
од шумите истргнаа три ѓердани од три лета,
три пролети лични во есенски се претворија пеги
низ чинот на менување на многуте сезони;
три априли мирисни ги спржија три јунски жеги
од кога те видов ваков, во убавина да ѕвониш.
О, но сепак убавината, ко сказалка се движи
иако навидум мислиме дека стои;
така и личотијата твоја, што мислам со вечност диши
сепак поминува дури окото со привид ми се дои.
Затоа чуј ме о, непозната добо што ме водиш,
летото на убавината умре, уште пред да се родиш.

Препев: Проф. д-р Драги Михајловски

 

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели