Skip to content

Песна на денот: „Попладневна претстава“ од Влада Урошевиќ

Денес ги споделуваме стиховите од поемата „Попладневна претстава“ на македонскиот поет, Влада Урошевиќ. Песната се состои од седум строфи низ кои е опишана една уникатна „попладневна претстава” која само одреден број на луѓе можат да ја гледаат. Како и во сите останати поеми на Урошевиќ, така и во оваа преовладуваат фантасичните елементи, симболизмот и силните, креативни поетски слики кои допираат до секое сетило. Уживајте во читањето.

Сонцето не е на залез
но светлините се ниски;
намотувајќи се на калем
воздушното платно се искри.

Кон мувата сивиот пајак
има намери скршини;
јаболката метално сјаат,
се нишаат смешните вишни.

Ho се јавува нова глетка:
нем филм тоа нели е?
Меѓу лисјата како да се плетка
дилижансата на Мелиес.

He водејќи никаква сметка
за врапците што колваат семки
сред морето од лисјата светка
„Крстосувачот Потемкин”.

Зошто ве тера да се смеете
скокотливиот мирис на боливач?
Тоа поради Макс Сенет е,
поради „Полиениот поливач”.

Потреперува бледо
Емулзијата меѓу лисјата:
дамки од момирокот, од медот
во сликите се втиснати.

Претставата ја растураат птиците.
A ја гледале само оние
што поладне спиеле под јаболкниците.
Филм ли е тоа, сон ли е?

Напишете коментар