Повторно го почнуваме “серијалот“ Интервју со, а гостин“ ни беше Иван Ајнштајн, млад музичар, уметник, инспиративен во секој поглед. Поводот беше излегувањето на неговиот прв музички албум. Прочитајте подолу за да дознаете зошто вака го најавивме и претставивме.
Здраво Иван, како си? Честитки за реализацијата на новиот албум, твое првенче. Најпрво ќе започнеме со ова прашање: „Како е да се биде во кожата на Иван Ајнштајн?“
– Здраво. Јас сум секогаш среќен и никогаш задоволен. Ти како си? Кожата на Иван е доста common засолниште. Не се осеќам како да се разликувам многу од луѓето околу мене и отсекогаш сум бил down to earth за да докажам дека сите сме подеднакво луѓе. Не сакам мојата физичка форма да презентира било каков општествен статус. Мозокот на Иван though, е релативно комплексна и апсолутно хаотична структура. Да пробам да те внесам во него, тоа е склоп на желби за креација кои варираат од склопување Lego коцкици, до праење филм.
Пред 2 месеци на публиката ѝ поклони цел албум со песни кои се доста слушани на јутјуб. Како течеше реализцијата на снимањето? Може ли да се издвои некој интересен момент во студио?
– За мене студио сесиите се само момент на одбележување некоја приказна, односно моментот кога сите тие интересни моменти добиваат музичка форма. Авантурите надвор од студио се всушност инспирацијата за сите творештва. Сеа, знаеш дека најјаките причи не се за јавно споделување, строго од легални причини, али интересен факт е што албумов технички не е снимен во студио. Најголем дел од песните се снимени на најдостапната опрема што била во близина во тој момент, затоа што тогаш немавме статично студио, па правев импровизации или само дозволував да се извади најдоброто од вајбот.
Од кога почна да го подготвуваш албумот со песни и видеа за да може да се види ова што го гледаме сега?
– Па едно година и 3 месеци ме фати од иницијална желба за албум до пуштање у етер. Секако, причата не завршува тука, пошо тоа е само база на музички дела кои отвораат креативни можности за нивно надополнување со визуелна содржина.
View this post on Instagram
Колку вкупно песни содржи албумот и која е најслушана моментално? А која ти е тебе лично најдрага?
– 12 песни + интро. Не знам која е најслушана, пошо онлајн бројките не се релевантни за вакви статистики. Секое врежување на песните во нечија глава е одново и одново слушање на истите. Секое влегување на песна во диџејски deck ја гаси песната од онлајн калкулаторот. Од сите можни извори до кои сум дошол, некако сите се скоро подеднакво слушани, а тоа е показател дека еден од најдобрите начини да се слушаат е така, во целина, како што се подредени.
Тешко е да се одбере омилено дете, но би ги одвоил „Месечина“ и „Песна“ како еден душевен спој на дела, што се „муабетите“ што си ги правам сам на себе; „GTA“ – делот од моето детство што во голема мера го има оформено мојот денешен карактер; и „Кеса со кеси“, муабетите* кои ги правам со моите блиски (а и не толку блиски) пријатели.
* тоа се мои искрени причи преку кои се претставувам, се запознавам, но и се дружам и усовршувам.
За која песна фановите/следбениците на Инстаграм ти реагираа најмногу односно ја издвоија како омилена?
– Еднаш поставив прашање на Story и неверојатно беше колку различни одговори добив. Баш тоа и го очекував и сум среќен што ја остварив таа мисија. Сакав за секого да има по нешто. Затоа што, да, јас имам омилен жанр на муабети, но сум многу добар соговорник, затоа што знам да ислушам и разговарам со секого, на секоја тема. Тоа, прераскажано во мелодични стихови создава албум наменет за секого.
View this post on Instagram
Знаеме дека твојата сопруга Кике ти е најголема поддршка и инспирација, која песна таа ја напиша за албумот и раскажни ни една анегдота за снимањето на песната Хакуна Матата што се сними во Занзибар, која како да беше предвесник на албумот?
– Кике нема напишано ниедна песна од албумот, а истовремено ги има напишано сите песни од албумот. Нејзиното постоење покрај мене ја има направено дел од мене. На тој начин, голем дел од нејзината енергија е насочена и во овие песни.
Хакуна Матата беше изненадување организирано од страна на Кике, пошо знае дека е ствар шо највише ме радува. Немаше нишо испланирано од дома, сасвим рандом у еден типичен занзибарски клуб, додека јас играм пајдушко со локалците, Кике паѓа у муабет со водичот дека он се знае со занзибарски продуцент и го договара да ме носи таму да напраам песна from scratch у неколку саати, без јас да знам до моментот дури не ме однесе у студиото. Све остало шо глеаш и слушаш е моменталниот вајб и мајндсетот што го стекнав на Занзибар у тој период. Дефинитивно у топ 5 авантури у живот.
View this post on Instagram
Важиш за инфлуенсер ако се осврнеме на бројките на профилите од твоите официјални профили на јутјуб и инстаграм. Што значи за тебе инфлуенсерството?
– Онлајн бројките им помагаат на луѓето полесно да го уновчат нивниот збор. Тоа е стекнување кредибилитет да се даде мислење на одредена тема или критика за одреден производ. Избриши од глава сѐ што си замислуваш за инфлуенсерите и замисли се во друштво од 5 души каде што “главниот” у друштво ви предложува нетфликс серија на останатите и сите почнувате да ја гледате таа серија затоа што знаете дека имате сличен вкус како него. И колку почесто се водите по неговите предлози, а поретко по нечии други, толку нему му се зголемува актуелноста во тоа друштво и со тоа станува повлијателен од останатите. На ист принцип функционира и онлајн светот, каде што некој станува инфлуентен затоа што оформил поголема група на луѓе кои го ценат неговото мислење, или едноставно им се допаѓа тоа што има да го прикаже, во каква било мултимедијална форма.
Мене лично, комерцијалното инфлуенсерство ми е премногу редуцирано, затоа што не сакам на луѓето кои ми веруваат да им предложам производ во чиј квалитет јас не верувам. За жал, македонскиот пазар е премал и е многу тешко да се опстојува со оваа професија доколку се работи секогаш чесно. Затоа одлучив да не бидам зависен од овие приходи и да „инфлуенсам“ само од срце, без разлика дали сум платен за тоа или не.
Додека споделуваше видеа на YouTube беше миленик особено на помладите генерации, тие уживаа да ги гледаат вашите патешстетвија или обични денови поминати дома со Кике. Пред излегувањето на алубмот одлучи да престанеш да снимаш vlogs и преку видео им го соопшти тоа на следбениците. Некои беа разочарани мислејќи дека нема повеќе да објавуваш видеа на јутјуб, но ти им поклони цел албум. Овие не се твои први музички синглови, но е прв твој целосен албум. Што те прави најгорд и најсреќен за целата реализација од ова што можеме да го чуеме и погледнеме денеска?
– Никогаш не сум сакал да се категоризирам ни како јутубер, ни како влогер, ни како музичар, ни како инфлуенсер. Ова се само неколку канали низ кои сум ги насочил моите мисли и сум ги искористил алатките за креирање што ги нудат.
Сепак, среќен сум за оваа одлука затоа што ми овозможи поголем дел од мојата енергија да ја упатам кон музичкото творештво и да одам по еден пат што отсекогаш сум сакал да го одам, а преголемиот број на желби и обврски кои сум си ги задавал ме кочело во тој процес.
Што значи да си музички артист, а што јутјубер во денешно време?
– Во мојот мозок, овие две работи се идентични доколку ги гледаш низ призма на контент креација. Сѐ зависи од тоа на кој што му е мерак да прави. Комерцијално, стандардите за музика се драстично повисоки од стандардите за јутуб содржина, но ова се само моментални трендови кои се нашироко прифатени од мнозинството и можат да се сменат во секој момент.
Дали имаш некој идол или нечие животно дело на кое му се воодушевуваш?
– Интелигенцијата на дедо ми и спиритуалноста на баба ми. 🤍
Од кои музичари и пејачи црпиш инспирација за твоите песни?
– Само се препуштам на слушањето различна музика и сите информации спонтано влегуваат во мојата меморија, кои подоцна несвесно формираат нови авторски комбинации. Но, инспирацијата од музика е само мал процент од сѐ што ме поттикнува за воопшто да добијам желба да се изразам.
Што прави Иван во слободно време кога не е ниту пејач ниту јутјубер ниту инфлуенсер, дали имаш некое хоби?
– Обожавам да филозофирам. Ако нема кој да ме слуша у моментот, ги пишувам или voice record-ам мислите. Не би знаел за понатаму, но досега секое хоби што сум го имал испаднало многу повеќе од хоби и тоа без никакво форсирање, што ме прави многу среќен и спокоен.
Од прикачување видеа на јутјуб до пеење во студио. Што ти се допаѓа повеќе?
– Прикачување видеа никогаш не ми стварало некои посебни чувства. Снимање видеа сè уште ми е интересно. Пеење во студио ми е скроз различен доживљај. Мислам дека подеднакво ги сакам, но снимање во студио ми е повозбудливо, најверојатно затоа што ми е поголем предизвик за да ја остварам замислата.
Кажи ни една мисла која тебе може да те мотивира дури и во “најрмрачни денови“.
– „Не дигам паники, тука е Кике.“ – Иван Ајнштајн, „Кеса со Кеси“, 2022
Која е твојата порака до оние што те следат и фановите?
– Остани дете и давај шанси.
Порака до читателите на Крајбрежје?
– Остани дете, давај шанси и читај Крајбрежје.
*Целиот тим од Крајбрежје на Иван му заблагодарува за одвоеното време и му посакаува бројни приватни и професионални успеси!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.