Песна на денот: „Старо купувам“ од Ацо Шопов

Денес ги споделуваме стиховите од песната „Старо купувам“ на македонскиот академик, поет и преведувач, Ацо Шопов. Песната е напишана во редови и е една од можеби најемотивните на Шопов. Затскриена зад добро познатата фраза која, во зависност од градот се извикува секој петок, сабота или недела наутро, оваа песна претставува еден вид на прозорец во светот на поетот и на она што носи вредност во себе, за него. Што Шопов купува или се обидува да купи во оваа негова песна, прочитајте подолу.

Старо купувам, старо купувам,
стари алишта, стари пискули,
старо железо, стари љубови,
старо купувам.
Купувам стари дребности,
непотребности,
чевли излижани, ризи износени,
среќи одсреќени,
старо, старо, старо купувам.
Купувам стари секидневности,
мали и големи ревности,
стари елеци во долапите,
стари котли на огништата,
стари саѓи на совеста,
стара ’рѓа на соништата.
Старо, старо, старо купувам.
Купувам стари секидневности,
мали и големи ревности,
стари љубови, стари среќи, стари гревови,
купувам стари радости, стари младости,
старо, старо, старо купувам.
Старо купувам, старо купувам,
стари алишта, стари пискули,
стари надежи, стари љубови.
Купувам стари секидневности,
големи и мали здодевности,
стари грижи, стари патила,
стари гревови, стари чесности.
Старо, старо, старо купувам,
стари среќи, стари љубови,
стари радости, стари младости,
купувам стари алишта.
Старо, старо, старо купувам,
старо за нови сврталишта.

 

 

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели