Од Земјата на лажговците (1999)
Ластовичките одамна полетаа на југ. Времето се промени. Почна да дува студен ветер. Лисјата на гранките одамна капнаа на земјата. Сланата ги попари тревките и цвеќињата. Децата почнаа да
носат топла облека.
Но една ластовичка сѐ уште не одлета во јужниот крај. Некое лошо дете со воздушна пушка ѝ го скрши крилото. Кутрата таа! Колку тагуваше што не можеше да лета. По стопати на ден се обидуваше да ги рашири крилјата, но попусто. Ранетото крило ѝ тежеше повеќе од олово. Колку тажни солзи пророни, колку тажни воздишки испушти по своите одамна заминати другари.
– Што да правам-се праша?! -Не можам да летам и не можам ниту да најдам храна за себе. Ќе смрзнам на овој студ, а никој нема да ми помогне.
-Оф, тешко мене! Јас сум најнесреќната ластовичка на светот!
Небото истури студен пороен дожд. Ветерот корнеше дрвја и носеше сè пред себе. И маглата веќе зацарува по патиштата и шумата. Прст пред очи не се гледаше. А ластовичката смрзната и покисната од дождот лежеше на земјата. Ранетото крило ѝ пречеше да се засолни во своето гнездо
– Готово е со мене, низ солзи прошепоти последната ластовичка. -Најмногу жалам што не ќе можам на пролет да ги зарадувам децата како предвесник на пролетта. Да ја зацрцорам својата пролетна песна. И кога веќе мислеше дека ѝ нема спас, едно овчарче барајќи ја својата загубена овца, случајно ја најде ластовичката.
– Ова е навистина чудо!, рече малото овчарче – Зошто си тука? Твоите пријателки одамна одлетаа во јужните краишта.
Ластовичката да можеше да зборува, ќе му раскажеше за сите маки што го доживеа.
Овчарчето беше умно и веднаш ја разбра нејзината мака. Ја крена нежно во своите дланки. Крилото тешко ти е повредено, рече со тага во гласот. -Но не грижи се мила, ластовичке! Јас ќе ти помогнам. Ќе те лекувам и ќе те хранам што побргу да оздравиш. А на пролет пак со твоите пријателки ќе летате и ќе се радувате на пролетта.
Фото: ScaleArtandGraphics
Прочитајте и „Езоп за деца: „Малото Ракче и мајка му“ – Поучна басна“.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.