Прославувањето на Нова година се поврзува со различни ритуали кои имаат древно потекло. Кога денес ќе ги споредиме ритуалите кои ги практикуваме со она што го правеле нашите предци, ќе се зачудиме колку нивни обичаи сме задржале. Мал дел од фрагментите на словенските народи се зачувани до денес. За жал, голем дел од фолклорот, митологијата и обичаите на овој народ е однесен во неповрат. Еден од ритуалите што се практикува до денес е прославата на Коледе.
Што преставува Коледе?
Коледе, меѓу старите Словени е познат уште како Колаида или Денови на Велес. Тоа е прв празник во календарот на сите словенски племиња. Прославата на Коледе започнува од декември, односно од зимската краткоденица и се слави до февруари. Во Русија постои фестивал наречен Корочун што значи краток ден.
За словенскиот народ зимата е време посветено на Чернобог и други помали божества поврзани со студ, темнина и смрт. Чернобог е стар, мрачен бог со ѓаволска форма. Се спомнува во митот за создавање и го наведува ѓаволот како еден од креаторите на светот. Чернобог стоел спроти Белибог, кој поседува животни моќи. Овие два бога се залагаат за денот и ноќта.
Во подоцнежните години Коледе бил посветен на божеството Велес. Овој бог е особено почитуван меѓу старите Словени. Познат е како господар на подземјето и жетвите. Опишан е како влажен, влакнест и мрачен бог. Според легендите, негова супермоќ е преобразбата во животно или жена.
Спротивен на Велес е богот Перун, бог на гормот кој го симболизира новото раѓање на природата. Старите Словени верувале дека Велес и Перун постојано се борат за доминација, па така ја објаснувале промената на гогишните времиња.
Кај некои старословенски племиња Коледе претставува ново божество што го симболизира раѓањето на ново бебе сонце, па затоа се прослаува со палење на огништа.
Коледе како ритуал
Во минатото, ритуалите поврзани околу Коледе наликувале на карневал. Прославата ја симболизирала борбата меѓу доброто и злото, светлината и темнината, денот и ноќта. Големи поворки се одржувале како израз на голема радост во пресрет на зголемувањето на денот. Пеењето на коледарски песни играло важна улога. Сето ова покажува дека коледарските обичаи се познати пред појавата на христијанството кај Словените.
На жените им било забрането да учествуваат во коледарските ритуали. Мажите се делеле во две групи. Едните се облекувале во светла, а другите во темна облека и преку облеката ги симболизирале двете спротиставени сили. Групите шетале од врата до врата, пееле коледарски песни и изведувале специјални танци. За возврат добивале подароци и трупци од кои подоцна палеле коледарски оган. Целта на овие ритуали е да се избрка злото во годината која доаѓа.
Централен настан била симболичната борба меѓу мажите. Секогаш победувале оние облечени во светла облека. Со текот на времето овој ритуал ја менувал својата форма, но до денес се задржани коледарските песни и огнови.
Значењето на Коледе
Коледе го означува почетокот на нова сезона. Коледе е време на радост, убави желби и позитивна енергија. На старите Словени им било важно да бидат со своите најблиски на овој празник. Свеченоста била поврзана со спомен на починатите предци. Сервирале богата вечера и оставале послана трпеза со празна чинија во текот на ноќта, наменета за починатите.
Се верувало дека гласот на животните во тој период го претставува гласот на предците. За време на Коледе, луѓето се опуштале, оставале зад себе сѐ што се случило. Секоја прилика ја користеле за да играат, да пеат и да го слават животот.
Коледарски песни
Подготовката за Коледе вклучувала и коледарски песни, познати како коледарки, кои требало да се научат. Како што старите Словени почнале да го прифаќаат Христијанството, овие песни добивале религиозни елементи. Некои словенски народи денес пеат коледарски песни и во црквите. Денес, децата пеат коледатски песни, а нивните стихови содржат желби за весело, безгрижно време пред нас. Во Македонија, познати коледарски песни се „Коледе-леде“ и „Коледица, Варварица“.
Коледарски огнови
Надвор од кругот на семејството, Коледе се слави со традиција стара колку светот. Палењето коледарски оган е единствен обичај присутен во традицијата на сите Словени. Кај некои народи до денес е задржана оваа практика. Според старите врувања, огнот ѝ помага на природата и темнината ја преобразува во светлина.
Луѓето од исти маала или села се собираат, сечат трупци и ги користат за да запалат голем оган. Огнот треба да трае цела ноќ. Се пали кога ќе зајде сонцето, а се гаси кога ќе зазори. Греаната ракија и вареното вино им помаѓа на луѓето да се згреат во текот и ноќта. Специјален труп се наоѓа во јадрото на огнот, познат како Будник или Бадник. Ако искрите од трупецот се високи и светли, во новата година ќе има богата жетва.
Коледе денес
Во многу земји населени со словенски народи до денес се практикуваат коледарските обичаи. Старата паганска веселба е инкорпорирана во божиќните празнувања по христијанизацијата на Словените. Црквата долги години се бори против древните обичаи, но тие најверојатно никогаш нема да исчезнат целосно.
Прославата на Коледе започнува еден ден пред Бадник, кога луѓето се собираат и палат коледарски огнови. Продолжува утрото, на Бадник, кога децата, наречени Коледари, одат од врата до врата и пеат коледарски песни. Според паганските обичаи носат светлина и радост, а денес го најавуваат христовото раѓање. За тоа возрасните ги наградуваат со јаболка, костени и ореви.
Обичајот вклучува и богата трпеза, која денес се поистоветува со бадниковата трпеза. Традиционален старословенски оброк е специјален леб со паричка или палачинки со лук и ореви.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.