Skip to content

Којзнае? – Поучна приказна

Си бил еден фармер кој во својата фарма имал многу животни, меѓу кои и еден коњ. Еден ден коњот избегал од фармата и сите соседи дошле да го утешат фармерот.
„Каков баксуз е ова коњот да ти избега!“, му рекле тие.
„Којзнае дали е тоа среќа или несреќа. “, одговорил фармерот.
„Се разбира дека е несреќа!“, рекле соседите. По една недела коњот се вратил дома, а со него дошле и дваесет диви коњи. Соседите секако дошле да го видат тоа чудо.
„Каква среќа да ти се врати коњот и тоа со уште дваесет други коњи.“, рекле тие.
„Којзнае дали е тоа среќа или несреќа.“, фармерот ги кренал рамената.
„Па се разбира дека е среќа!“, рекле соседите.
Следниот ден, синот на фармерот тргнал да јава еден од дивите коњи, паднал и си ја скршил ногата. Соседите на фармерот повторно дошле да го утешат: „ Каква несреќа соседу!“
Фармерот на тоа рекол: „Којзнае дали е тоа среќа или несреќа.“
Слушајќи ги повторно овие зборови, еден од соседите налутено му се развикал: „Твојот син ја скрши ногата, зарем не е тоа несреќа стара будало?!
Поминала една недела и синот на фармерот сеуште не беше закрепнал од повредата на ногата, кога војската дошла да ги регрутира сите способни и млади мажи за да тргнат во војна. Бидејќи синот од фармерот бил повреден го оставиле, а сите негови другари ги регрутирале. Соседите повторно дошле, но овојпат биле потиштени и исплашени за животот на нивните синови.
„Имаш голема среќа соседу што твојот син е дома, на безбедно!“, рекле соседите, а фармерот ги погледнал и повторно им рекол: „Којзнае?“

Поентата на оваа приказна е дека можеме да го поминеме целиот живот обидувајќи се да ги разбереме сите ситуации во кои сме се нашле и со самото тоа дупло да се измачуваме себеси, ама ако дозволиме работите, било да се лоши, добри или измеѓу да одат по својот тек, тогаш можеби ќе успееме да пронајдеме нешто корисно и некоја си мала смисла која ќе ни помогне или да си го намалиме теретот, или па полесно да го носиме.

Прочитајте и „Жабокот и Краставиот Жабок: „Сам“ од Арнолд Лобел“.