Skip to content

Сè е минливо ми кажa – Викторија Стојовска

Као демек не ти значам повеќе,
нели и токму во тој момент со таа помисла
почувствував страв во душава.
За прв пат мојата душа
не трепереше од заљубеност
овој пат трепереше од страв.

Страв е она од кое се плашиш.
Не, страв е она за кое мислиш дека
немаш сила да го направиш.
Тоа е тоа.
Се плашам да дозволам
да го направам она мое РЕМЕК ДЕЛО.

До душа, секад и го праев.
Де свесно…
Ама повеќе пати несвестно.
За да се одбранам од болка.
За да не дозволам премногу да ме запознаат.
За да не дозволам да ме сакаат.
За да не сакам.
За да не ме повредат
За да не повредам.

Страв, збор сам по себе
ми создава морници по телото.
Страв, само уште еден збор кој кажува сè,
а уствари уста не отворил.

Чувство е! Не е само збор!
Збор е, а голем товар е!
Збор е, а го чувствуваш како полека
ти го оцрнува срцето….

Како димот кој ги труе твоите дробови,
само ова го труе срцето.
Не те остава да земеш здив,
без да не се помислиш….
Што ако…?!
Страв од мал простор, страв од инсекти,
страв од висина, страв од ова, страв од она….
А, стравот од животот.
Ете за тоа нема лек, ете за тоа….
А што е стравот?
Ништо!

А што те тера да чувствуваш?
Сешто.
Те тера да се затвориш во соба со еден прозор,
ама заѕидан и тој.

Ни светло, ни бутур.
Ништо.
Те тера да се затвориш
во четири ѕида и кутии цигари.
Да вдишуваш само дим, ништо друго.
А што е стравот во споредба со се друго.

Е, само кога би знаел.
Јас знам ама исто така знам дека
од збор до дело има многу.

Има толку многу, а сепак толку малку.
Само, страв ти е да ја напуштиш собата
и ѕидовите по кои насекаде ги има ноктите твои
со кои гребеше да ме извадиш од темнината,
ама не ти дозволив.

Не сакав. А ти ме сфати и замина.
Не беше единствениот.
Јас одлучив да ги изградам тие ѕидови,
тој заѕидан прозор и мојот замок околу мене.
Дека така беше полесно да не дозволам
некој да се поврзе со мене и мојата душа.

Само така мислев дека ќе успеам да живеам,
неплашејќи се од тебе.
Од твојата љубов.
Од авантурите.
Од чувството да се чувствуваш жив.
Замок соѕидав…
За да не ти дозволам со твоите чисти раце
да ја допреш мојата зацрнета душа.

Од страв.
Страв дека можам да те изгубам,
одлучив да се заѕидам себеси.
Мислејќи дека така ќе се поштедам себеси
од твојот допир, се заѕидав
и самував помеѓу ѕидовите на тагата,
чувствата, емоциите и болката.

Долго време сум веќе внатре и си мислам
Што ако излезам?
Ќе се плашам ли да засакам повторно?
Ќе имам ли страв од таквите како тебе?
Ќе повредам ли некого?
Или некој мене?
Тие мисли ми предизвикуваат главоболка,
ми ствараат вртелешки во главата и во стомакот.

А пробувајќи да ѕирнам што има надвор од мојот замок
на тага здивот од страв ми пресуши.
Што ако излезам надвор
и повторно се вратам кај тебе?
Или судбината пратила некој друг да ме пречека
пред портите на мојот замок?
Само знај дека потребно ми е време,
да се соземам, да се изборам со себеси и да излезам.
Стравот е само збор, а чувствата ние сами
си ги натовараме на душа.

За да ги носиме.
Со години.
Сè додека стравот не се претвори во дим
и исчезне во воздухот исто како
и димот од нашата омилена цигара.
Одамна згасната во пепелникот.
Исто како и чувствата.