Skip to content

Ацо Шопов – Те спомнам ли

Годинава се одбележува 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.

Ацо Шопов, роден во Штип во 1923 е еден од основоположниците на современата македонска поезија, кој се вбројува во редот на најеминентните поети на југо-источна Европа во 20-от век. По долгогодишно боледување, тој почина во Скопје, 1982 година, на денешен ден. Во негова чест ја споделуваме оваа прекрасна песна.

Те спомнам ли

Те спомнам ли — пред твојата лика
затреперува срцето на океанот
и оживуваат вулканите одамна згаснати.
Лавата се претвора во крв, крвта ко лава блика!
Татковино, песно недопејана, песно неспокојна,
иста низ вековите, низ булуците
како за дедовците така и за внуците —
крвта и нас ќе нè спаси!

Те спомнам ли — пред твојата става
исчезнуваат далечините
и сета историја се претвора во огромна лава
што како водопад се струполува од висините,
а светот не е поголем од збор
што од секаде моќно се огласува:
Татковино, песно недопејана, песно неспокојна
крвта и нас ќе нè спаси!

Еве нè, Татковино, обајцата во планините
во нем и присен разговор.
Воздухот е чист и како меч сече.
Ти си покрај мене најверна жена,
смисла очовечена,
вистина позната, а никому недоречена и до крај разгласена.
Татковино, песнo недопејана, песно неспокојна
крвта и нас ќе нè спаси!

Но не крвта на разделбата и омразата,
крвта со одмазди и гнев заградена
туку онаа крв заради која жената се жртвува зa мажот,
мажот за жената и синот,
а синот заедно со нив за татковината
од која сите пламтиме како од најчисто вино.

Татковино, песно недопејана, песно неспокојна,
спокјот во нас ќе го ископаме: ќе го ископаме од искони!

Ацо Шопов, Песна на црната жена, 1976