Skip to content

Скршена, а жива – Викторија Стојовска

Жена кога е скршена тогаш е најмоќна. Толку цврста, а воедно и скршена, со насолзени очи и огорчена душа, таква е најубава.  Таа е жена која може да те сака како ниту една друга. Скршена, а жива… Војува таа жена битки во себе да ги задржи солзите само во рамката на нејзините очи, да не излезат од нејзе, да не се тркалаат по нејзиното меко лице. Тогаш е најмоќна, тогаш кога е на работ да се сруши пред мене. Кога срцето ѝ се кине, а пред светот измамила насмевка, за да не ѝ ја препознаат тагата, за да не ѝ се ситат на судбината.

Ќе си каже сама на себе дека е добро. Тоа е лага која ќе ја повторува секојдневно, бидејќи ако во неа доволно силно ќе поверува, можеби на крајот и ќе биде добро. Ама секогаш нешто ќе ѝ недостасува. Парче од себе си,што го оставила во срцето на еден ладен човек. Затоа ќе има денови кога нејзината насмевка ќе биде толку заразна што светот за момент ќе заборави колку е скршена.

Ќе има денови кога е депресивна. Во заблуда… Ќе има денови кога е молчелива… Нејзината моќ е сокриена во тие денови… Во тие денови таа се руши и повторно се издигнува… Од рушевините на душата. Во тие денови таа војува битки сама со себе, а фронтот е нејзината душа. Не ја потценувај таа жена, не ѝ ставај етикета на депресивна и измачена. Моќна е таа жена, моќна е бидејќи кога е скршена, секогаш со остатоците од себе си способна е да извојува победа!