Skip to content

Потонување – Милчо Мисоски

Денешен избор македонска современа поезија е „Потонување“ од македонскиот поет Милчо Мисоски. Прочитајте ја во продолжение.

Потонување

Во неколкуте капки мастило

потонуваа моите зборови.

 

По линијата на хоризонтот

ослободен од секојa непредвидливост

играм криенка со она

“Никогаш доволно вистина,

помеѓу соништата и судбината”.

 

Индиферентност на системот

некои непознати координати

извалкани со црвена боја

и непознато благодарам

сокриено во гнездото на белата гулабица.

 

Крилати коњи

по пругорнината

во здив

ја носат тежината на согласките

во утробата на светлината

ја допираат тишината

на безбројните зборови.

 

Застанувам

пред ноќта да потопи сè видливо.