Skip to content

Рецитал на безвременската „Дрво на ридот“ од Ацо Шопов

Ацо Шопов e еден од камен темелниците и претставници на првата генерација на поети во современата македонска литература. Како омаж за поетот и книжевен преведувач Ацо Шопов (1923-1982) по повод стогодишнината од неговото раѓање читам негова поезија на македонски и препев на француски јазик.

Дрво на ридот е последната оригинална збирка на Ацо Шопов, објавена две години пред неговата смрт. Главни теми се интимата, жената и татковината што има автобиографска потка, но пред сè преку темата на телото. Во Дрво на ридот сретнуваме една поинаква варијација на оваа тема во една нагласена болендојчиновска проекција, но со изразит автобиографски призвук. Тоа е варијантата на болното тело.

Дрво на ридот

Од дамни дамнини расте ова дрво на сува рида без вода
со гранки раскрилени ко птица далдисана во летот.
Високото сонце го заслепува од својот усвитен светлосен одар,
но во него шуркаат сите живи сокови на светот.

И лете му шумолат гранките
и зиме кога заснежува,
а светот го забележува и не го забележува.

Ветришта диви го сардисуваат и сеништа темни,
тврдата почва и испукана бистриот поглед му го засенува,
суши змијарници му ги смукаат корењата земни,
но тоа од пркос зазеленува и расте, расте и зазеленува.

Љубов моја, те сретнав на овој рид како патник во мугри што подранува
ти дадов сè што можам, а сè било јаловина.
Под дрвото се љубевме и израснавме, сушата ни беше ладовина,
сега ние си одиме, а дрвото опстојува и останува.

Дај, господи, исполни ми ја последната желба
при оваа голема делба −
да се најдеме и слееме со срцевината
на ова дрво што расте на сува рида во вишината.

Ацо Шопов, Лузна*, 1981
Песната за првпат е објавена во 
Современост, XXVII, бр. 7-8, септември-октомври 1977, стр 4-5

Врска до рециталот на македонски и француски јазик:

Слушнете ја и  „Сокаци“ од Ристо Маџунков.