Skip to content

Интервју со Дијана Петрова: „Секојпат оставам читателите да си извлечат порака од книгата“

На наше големо задоволство овојпат поразговаравме со младата македонска писателка и професорка Дијана Петрова. Поводот беше излегувањето од печат на нејзината трета книга „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“. Дијана Петрова има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Досега ги објавила романот „Бдеењето над себе“ и збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“. „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е нејзина трета објавена книга.

Најпрво Дијана ќе те прашаме како се чувствуваш и воедно да ти се заблагодариме што прифати да поразговараме на убави теми? Која е Дијана приватно, а која професионално?

– Ви благодарам на поканата, драго ми е што ќе може да поразговараме за интересни работи. Уште сум многу возбудена, среќна и полона со емоции кои се резултат на моите читатели, иако книгата излезе уште во мај.

Да ме прашавте пред некоја година, ќе дадев одговор дека Дијана во приватниот живот, се разликува од Дијана во професионалниот живот. Денеска приватниот и професионалниот живот ми се исти, бидејќи кога не работам или не сум на работа, истражувам, читам, патувам, а тоа се најважни работи за тоа да се биде добра писателка или добра професорка. Така што и кога не сум на работа, работам, но тоа ме прави многу среќна.

Дијана Петрова на промоција

Неодамна го објави своето трето дело, а твој втор роман. Како изгледаше процесот на пишувањето на „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште) “ и колку време ти беше потребно за да го финишираш пишувањето?

– Процесот на пишување беше проследен со многу истражувања, со купишта книги околу мене, несоници, губење на чувството што е факт, а што фикција. Можам да речам дека повеќе време ми одзема истражувањето и создавањето на приказната, отколку нејзиното запишување. Кога веќе ги имаш потребните работи и ја имаш создадено приказната во главата, нејзиното запишување е најлесен дел од создавањето на книгата. Некоја груба пресметка за времето дадено на создавање на книгата е околу три и пол години, иако запишувањето траеше само неколку месеци.

Како протекоа досегашните промоции на романот и дали се во план да се случат наредни промоции во другите градови низ земјава?

– До сега имав три промоции – Скопје, Струга и Куманово. Промоциите поминаа одлично и со голема посетеност, но најважно ми беше што имаше многу љубопитство и емоции за книгата. Чувството дека твоите зборови и мисли допираат до срцата на луѓето е неописливо. Запознав многу мои читатели, запознав многу луѓе – професионалци кои ми помагаа околу промоцијата и мислам дека секој што присуствуваше на некоја од промоциите, од таму си замина со ново чувство и ново знаење. Планирам уште во неколку градови промоции, но штом ќе се знае конкретно, ќе бидете известени.

Што значи да се излезе од сенка во денешно време, а што значело во 19-ти век, дали постои некоја заедничка нишка или станува збор за сосема различни нешта?

– Во 19 век излегувањето од сенка било потешко, најмногу поради општествено-политичката положба на Македонија. Денешното излегување од сенка значи откривање на многу борки и творки, кон кои историјата и науката се поставиле малку селектвино и ги исклучила. Според мене, секој еден деец во тој период, независно дали е маж или жена, треба да биде спомнат и славен, бидејќи тогаш се одвивале најважните работи за македонскиот јазик, култура и книжевност. Ни треба едно позахтевно проучување на тој период, преку кое ќе изнесеме многу луѓе од сенка.

Со оглед на тоа дека делото се одвива во 19-ти век, како изгледаше прибирањето информации: Беа ли лесно достапни или не податоците?

– Не беа лесно достапни, за жал. Посебно што стануваше збор за лик(ови) кои историјата воопшто никаде не ги спомнува – името на Митра Миладинова пример. Податоците на кои наидував беа расцепкани, ми требаше многу време да дојдам до нешто, да ги селектирам, да ги подредам хронолошки и да ги поврзам во целина. Најчесто до податоци доаѓав преку други, индиректни ликови преку кои случајно беше спомнато нешто што ми треба за мојата приказна.

Каков според тебе би изгледал нашиот свет ако сите жени во него би го подигнале гласот?

– Би бил поправедлив, со помалку војни и насилство, со повеќе разум и емоции, со повеќе разбирање, почист и со поправедна подреденост.

Дијана Петрова на промоција со читателите

Што значи за тебе феминизам?

– Феминизам значи рамноправност, значи тоа излегување од сенка за кое зборувам во мојата книга, значи неселективност на историјата. Феминизам не значи да се подари нешто или да се смалат критериумите на оценување, туку да се признае, да се зборува гласно за моќта на жените и нивниот удел во создавањето на светот, да се признаваат делата и заслугите на жените, да се вреднува нивниот труд и заложби, да се почитува нивната вредност и важност, да се сака тоа што тие го создаваат и прават, а не да се доживува како нивна обврска која се подразбира.

Дали би го класифицирала твоето дело како феминистичко и зошто?

– Мојата книга може да се доживее од три аспекти: љубовен, историски (преродбенички) и женски. Трите страни создаваат една убава и според мене, важна приказна. Тоа што главните ликови се жени, не го прави феминистички, туку само исправа една неправда која на тие жени им е нанесена – да бидат заборавени и отфрелени нивните заложби.

Која е главната порака што се испраќа со романот, а сметаш дека треба да ја знаат сите што го прочитале и оние кои допрва ќе го читаат?

– Секојпат оставам читателите да си извлечат порака од книгата и тоа е многу интересно бидејќи многу често пораката или приказната ја сфатиле на начин на кој јас воопшто и не сум размислувала. Книгите се еден отворен свет, од кој секој зема што му треба. Или како што рекол Петре М. Андреевски „Каде те боли забот, таму ти оди јазикот“  ха ха

Која е твојата инспирација за пишување, што е она што те “тера“ да пишуваш?

– Инспирација ми е поттикот да откривам нови нешта, а тие нови нешта ги (о)сознавам преку книгите, така што, би рекла дека инспирација за пишувањето ми е читањето.

Кој е твојот животен лајтмотив?

– Искуството е најважна работа во животот, а се учи преку грешки.

Дали имаш поддршка за сè што правиш и од кого доаѓа таа?

– Мислам дека не би стигнала до овде, ако немав огромна поддршка во сè што правам. Поддршката не значи само доверба и сигурност, туку значи дека сето тоа што го правиш има смисла и цел.

Животот е преполн со различни случки, дали би можела да издвоиш некоја интересна и поучна анегдота од твоето секојдневие која можеби некого и би го инспирирала?

– Има многу, да, посебно со оглед на тоа дека работам со тинејџери. Во моментот можам да се сетам само дека кога работев на книгата, бев толку внесена во тој свет, што кога предававав за 19 век почнав да зборувам и за ликовите кои всушност беа фикција, т.е. ликови кои јас ги измсилив за потребите на романот. Секако, многу брзо се сетив што правам и се поправив. Позитивна работа е што на децата им се допадна идејата и им се разбуди љубопитноста за тој период од развојот на македонската книжевност и јазик.

Твојата порака до читателите на Крајбрежје?

– Да читаат со љубопитство, пред сè да читаат македонски автори бидејќи така заедно оставаме трага за нашето значење и постоење.

Тимот на Крјабрежје на Дијана ѝ посакува успеси на приватен и професионален план.

Напишете коментар