Skip to content

И тогаш сè паѓа – Владимир Д. Јанковиќ

Во време кога во светот има завојувани страни, а невини луѓе и деца ги губат животите немилосрдно, ни останува со поезија да ги опишеме состојбите, но и да повикаме на мир.  „Ништо нема да стави крај на војната доколку самите луѓе не одбијат да војуваат“, рекол Алберт Ајнштајн. Ние повеќе од сè посакуваме војните да завршат и никогаш повторно да не почнат. Во продолжение прочитајте современа српска поезија во македонски препев.

Глас против војната, против крвопролевањето:

И тогаш сè паѓа – Владимир Д. Јанковиќ

Горните спратови како да се тесто,
Се виткаат на страна. Мислат: во падот
Само ќе се откинеме, има место;
А ниските – ќе го преживеат адот.

Но под зградата се шири отвор стрмен,
И гледаш дно долу; тоа бездна не е.
Се мати поглед дур’, со надеж обземен,
Во утроба зјапаш каде јад дим вее.

Амбисот во тебе веќе не е темен,
Поразот во тебе веќе не е срамен,
Цигла се руши во темелот длабоко.

Само солза може шут сив да испере,
Поток брз да надојде, крш да собере,
Но солзи нема од сон погрубо око.

Српска современа поезија

Песната „И ТОГАШ СÈ ПАЃА“  е објавена во стихозбирката „Света Јелена“; издавач Stella Polare,  2021

Препев: Татјана Маженковска

Напишете коментар