Skip to content

Сакаше мир во светот, а светот војуваше

Сакаше мир во светот, а светот војуваше како да имаме сто животи. Од каде извира таа злоба во луѓето да посегнат по оружје? Одговорот е многу покомплексен бидејќи се вмешани политики и контрола на луѓе, но во секој случај е негативен. Наместо да има соживот, да царуваат слога, насмевки, заедништво, тие проблеми решаваат со пукање. Зошто не ви е жал за животите на најневините, за децата кои страдаат ни криви ни должни во вашите пресметки?

Еден детски живот вреди непроценливо богатство. Вие осиромашувате со секоја фрлена бомба, со секоја експлозија. Секој згаснат детски живот е пораз за човештвото. Каде згреши човекот кога е толку лесно да се крене војна? Од една страна тоа се должи на лесната достапност на оружјето, а од друга до други фактори. Во секој случај крвопролевањето е погубно за човечкиот род. Прекинете! Прекинете со војување и фрлете ги пиштолите и пушките! Сакаме мир, слобода и безбедност!

Безбедноста како едно од човековите права која е загарантирана со закон треба да ја чувствува секој човек каде и да се наоѓа во светот. Ако не сме безбедни кога ќе го пречекориме домашниот праг значи дека нешто не е во ред. Ако ни дома не се чувствуваме безбедни тогаш значи дека ситуацијата е навистина лоша. Зошто ги лишувате луѓето од безбедност и слобода? Зошто им го одземавте мирот кој ни е најпотребен на сите? Како ќе имаме здрави општества ако од сите страни се соочуваме со можни закани од секаков вид?

Во денешницава човекот повеќе од никогаш е оптеретен со најразлични грижи. Тие се поврзани со здравјето, опстојувањето, работата, школувањето, создавањето семејство. Како да се малку овие грижи па некому таму му текнало да војува како со војната да ќе се среди сè. Напротив, со војната ќе се осиромаши, ќе се создадат болести, ќе се уништи инфраструктурта и ништо нема да се постигне. Освен пролеани солзи на преживеаните и животна борба за да се преживее денот без тие што загинаале.

Ни треба освестување, колективно свестување за ризикот од војната, а на оваа тема малку се зборува. За војната не треба да се зборува само кога ќе искрсне туку и кога ја нема или кога ја има во далечните источни држави. Ниеден човек не сака војна, а сепак се војува и во 21-от век. Ти се чини светот е толку напреднат, но за жал нема напредок штом сè уште се случуваат протести во Њу Јорк, војни во Палестина и Израел, војна во Газа итн. Впечатокот е дека третата светска војна е почната одамна и дека не е завршена.

Мојата искрена желба и порака е колку што е можно побрзо да се запрат војувањата. Да нема војни, светот да биде најбезбедно место. Да се вратат мирот, безбедноста и слободата. Зарем тоа е толку тешко? Фрли оружје, биди човек, не војувај!

Напишете коментар