Објавена е нова стихозбирка „Откровение“, од поетот Блаже Петревски – Ендемион, во издание на „Академска Мисла“ – Скопје.
Професорот и декан на Филолошкиот факултет, Владимир Мартиновски забележува дека поезијата на Блаже Петревски претставува нов силен поетски глас на македонската поетска сцена.
Во поетските визии на Петревски светот како одново да се создава. Митската магма на оваа поезија ѝ дава посебна сила: сликајќи ги и доловувајќи ги почетоците и „утробата на вселената“, поетот ја враќа на голема врата сакралната димензија на митскиот начин на мислење како протоуметничка и фундаментална димензија на поезијата. Во таа смисла, митопоетските траектории на оваа стихозбирка на Петревски се сосредоточуваат токму врз самиот творечки порив, врз драгоценоста но и противречноста на поетското искуство. Песните трасираат ново откровение; поезијата е нов живот во исцрпена вселена; а поетските слики нè водат низ огромни пространства и фантазмагорични предели низ кои патуваме.
Современиот македонски писател и книжевен критичар, Стефан Марковски, истакнува дека словото на Блаже Петревски манифестно прогласува нова епоха преку сопственото поетско откровение, кое не може да постои на друг начин освен во вид на свеченост чујна единствено за оние кои имаат уши. Изострувајќи го умот на читателот, Петрески значењата на зборовите не ги сведува на едноставни игри, ами на бури од стилски фигури, идентификувајќи го читателот на овие стихови како доживувач на доживеаното, изнесувајќи го и послужувајќи го сопствениот свет како епохѐ кое изискува изнурнување во поетовиот креативен ум, наместо гледање низ каква било вообичаена поетско-толкувачка призма.
Блаже Петревски – Ендемион е автор е на две стихозбирки: „Врвот Дно“ 2023, и „ Хипербореја“ 2023 година, во издание на„ Академска Мисла“ – Скопје. Поетската книга „Откровение“ 2023 е негова трета стихозбирка. Дел од неговата поезија е застапена во меѓународната антологија на германски јазик.
Овде можете да го прочитате интервјуто што го направивме со македонскиот поет Блаже Петревски – Ендемион.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.