Салвадор Есприу ( 10 јули 1913 – 22 февруари 1985 година) е каталонски поет од Шпанија. Интелектуалец посветен на својата нација и јазик, бил еден од најголемите писатели на своето време. Oстави големо книжевно наследство, кое се карактеризира со неговите длабоки размислувања за смртта, болката и личниот идентитет. Неговите песни се засновани врз кабализмот и еврејските традиции, што е она што го прави неговото дело толку универзално и што веројатно му дава огромно меѓународно признание, иако пишува на малцински јазик.
Обид за песна во храмот
Ох, колку сум уморен
од беднава моја, стара и толку дива земја
и колку многу би сакал да се оддалечам јас
кон север,
каде што, велат, луѓето се благородни и чисти,
просветени, богати, слободни,
пробудени и среќни!
Тогаш, моите, родбината би рекле
прекорувајќи ме: „Како птица што го остава седалото,
таков е човекот што си оди од огништето свое“,
додека јас, веќе далеку, би им се смеел
на законите и на мудроста древна
на мојот народ клет.
Но нема никогаш сонот јас да го исполнам свој
и ќе останам овде до смртта.
Зашто и јас сум исто толку беден и див
и ја љубам сепак, со болка безнадежна,
оваа кутра моја,
валкана, тажна, несреќна татковина.
Препев: Матеја Матевски
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.