Skip to content

Оливие де Мањи – Што сакам најмногу

Оливие де Мањи, роден во Каор, Окситанија, (1529 – 1561 година), е француски поет.

Роден во буржоаско семејство од Каор, Оливие де Мањи ги завршил своите први студии во родниот град пред да замине во Париз во 1547 година. Таму го привлекол вниманието на Иг Салел, игумен на Сен Шерон и дворски поет на Франсоа I, и станал негов личен секретар, со што почнал да го посетува дворот, каде што запознал некои еминентни луѓе од тоа време.

Неговиот заштитник починал во 1553 година. Оливие де Мањи потоа се поврзал со Жан де Сен Марсел, господар на Авансон, кој го одвел во Рим во 1555 година за време на една дипломатска мисија во Светата столица. За време на ова патување тој ја запознал Лујза Лабе во Лион, во која се заљубил.

Во 1557 година,  се вратил во Франција, каде што на 31 мај 1559 година бил назначен на посакуваната позиција секретар на кралот, позиција што ја имал до неговата смрт.

Се смета за ученик на Ронсар, и воглавно компонирал сонети. Сонетот кој ви го претствуваме, е напишан за неговата голема љубов Лујза Лабе.

Што сакам најмногу

Ќе ти кажам, мила, на пролет за што тлеам:

ја сакам тревата, каранфилот, ружите лесни,

рано да се будам и да пишувам песни,

со птиците в натпревар за тебе да пеам.

 

А лете, штом сонцето ќе ни огрее рамо,

да ти бакнам усни, гради да ти галам,

и да ти приредам гозба, без да жалам,

не од месо, туку од јагоди само.

 

Есен штом ќе дојде со студ и со таги,

вина сакам трпки и костени благи,

крај оган да седам во прекрасен пир,

 

А зиме да останам во душевен мир

и навечер друга работа да немам

туку сал во твојот буен скут да дремам.

Напишете коментар