Кога сакате да прочитате некое драмско дело, секогаш помислувате на еден од најголемите комедиографи на сите времиња – Молиер. Една од трите големи „политички“ драми на Молиер е „Мизантроп“, драма за првпат одиграна на 4 јуни 1666 год, во Кралскиот театар во Париз. Важи за една од неговите најуспешни драми. Таа е добро прифатена од публиката уште од првата сценска изведба. Драмата ќе биде изведена шеесет и три пати додека е жив.
Забранување на драмите и отсликување на денешното време
17 век во Франција е совршено место за усовршување во пишување на комедија на манири. Молиер живеел во време кога под превезот на учтивото однесување можеле да се извршат најголемите злодела. Тоа лицемерие било повеќе од мотив да ги пишува неговите драми, за кои често бил и казнуван. Драмите биле забранети заради анти-владини ставови.
Се чини дека оваа драма многу добро го отсликува и денешново време, кога лицемерието, плиткоста и самобендисаноста прикажени преку главниот лик на Алкест може да ги препознаеме насекаде, па често ни доаѓа да станаме мизантропи, човекомрзци, огорчени непријатели на човечкиот род. Алкест знае секогаш да биде отворен и искрен, отворено да изразува негативно мислење за другите, што му создава многу главоболки и непријатности. Кога Оронт, страствен пишувач на сонети го прашува да даде мислење за неговата поезија, Алкест без двоумење му кажува дека таа е бедна и недостојна за почит.
Алкест е безвременски тип на меланхоличар, вљубен во една бездушна кокета, Селимена, која не може да ја разбере неговата искреност. Таа ја бара својата среќа во земните задоволства, лагите, оговарања и постојаните исмејувања. Живее само за внимание. Претставува симбол на квази – интелектуалноста, на луѓето кои наоаѓаат секому мана.
Противречноста во драмата
Неговиот пријател Филинт, е од друга страна, глас на разумот, и постојано се обидува да го ублажи неговиот цврст став, да биде повеќе рационален бидејќи не може да го промени светот, и му замерува за неговата заслепена љубов кон Селимена, која воопшто не е совршена и има свои мани, што значи дека и неговата искреност е далеку од совршена. Но, и покрај се, Алкест ја обожува, го нуди своето срце, под услов таа да се одрече од светската бука и во мир да се повлече со него. Младата кокета се плаши од такво откажување. Комедијата завршува со кликот на Алкест: „Јас ќе побарам на Земјата осамено катче, каде може слободно да се биде чесен!“
Ова е секако изненадувачко, зошто секој очекува среќен крај кога чита комедија, но во ова драма сè е противречно, како што е и самиот човеков ум. Нашиот ум знае да донесе многу често и погрешни одлуки дури и кога делува како остар критичар. Таков е впрочем и самиот главен лик, Алкест. И тука доаѓаме до заклучок дека можеби сите нечисти мотиви и судови се резултат на човековиот егоизам, а егоизмот и мизантропијата се присутни во сите ликови во драмата. Но, само Алкест останува вистински мизантроп до самиот крај, мизантроп кој јавно ги искажува своите мисли и не се срами да ја признае својата мизантропија и бега од светот во некое осамено катче каде ќе може да биде чесен.
Елоквентноста и суптилноста во изразувањето се особености по кои е познат Молиер, го задржуваат вашето внимание до самиот крај, додека ја читате драмата. Молиер успева да ги прикаже деликатните чувства и во секојдневните ситуации. Ги прикажува пред нашите очи не само за да направи комични сцени туку и за да ни даде морална поука. Прочитајте го ова маестрално дело од Молиер. И побрзајте да ја гледате оваа драма во блискиот театар, но, се разбира ако имате среќа да се прикажува!
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.