Skip to content

Коса – Шарл Бодлер

О кадри што како руно до плеќи се веат!

О восхит! О мирис втонат во немарност млака!

За сите спомени што во косата ти бдеат

низ мрачното да ги ратсурам легло, со неа

вечерва да мавтам како со шамиче сакам!

 

Африка врела, Азија кон страстите склона,

цел еден далечен свет, во замрености штири,

на твоето дно, о, шумо мирисна, е втонат!

Нечиј дух в лутање звуци музички го гонат,

а мојот дух, о љубов, го носи твојот мирис.

 

В жешки предели ќе појдам, таму кај што в поле

човекот и дрвото ги исцрпува бленот;

о плетенки, кренете ме небаре бран голем!

Море од абонос, темно, во твојот сон солен

едра, веслачи и знамиња се точат низ денот:

 

во вревлив пристан, таму, мојата душа пие

во сласт, без здив, звуци, бои и мириси течни,

додека лаѓи, низ злато што во свила врие,

шират раце во пресрет над сонот што се вие

во небото треперливо од врелини вечни.

 

Ќе ја нурнам главата, пијанства да ја водат,

во тој црн, мрачен океан во кој друг е скриен,

и мојот горд дух нишан од бранови што бродат

ќе те најде повторно, о мрзливост плодна,

безделништво – лулко во која мирис спие!

 

Колипко од темнини, густи, модри коси,

ми го враќате одново небесниот спокој,

покрај рабовите ваши, мовести и росни,

во жестоко пијанство постојано ме носи

мирисот на миск, на катран, на масло од кокос.

 

Долго – секогаш! – рацете ќе ги сеат мои

-за сите мои желби секогаш да ги смириш-

врз вас елмазите во сјај и раскошни бои!

Зар не си засоли на сонот и зар не ме поиш

со виното на споменот, тешко, со густ мирис?

Напишете коментар