Skip to content

Изгубени во времето – Софија Величковска

  • by

Барај ме вечно,
до последното дрво на планетава,
барај ме во непреспиените ноќи кои ми ги должиш,
а да барај ме и во твојата беспрекорно добра песна
со чуден звук кој произлегува од металофон.
Барај ме во белата жена прикриена со црна марама,
а барај ме и во црната жена ожалостена од срам.
Барај ме онаму каде што нема да сум
и барај ме онаму каде што мислиш дека сум.
Барај ме во лузните испишани на твојот
лудо – заведувачки мускул,
а и барај ме во осветлените сокаци
кои се исполнети со пригушена темнина.
Барај ми ја душата во друга душа,
затоа што таму ми спие,
и барај ми го срцето во камен,
зашто ти таму го пикна.
Барај ме во искршените огледала
на несреќните љубовници,
а барај ме и во неверојатно перфектните
кадифени фустани кои ќе ги носам вечно,
изгубена во времето,
изгубени во времето,
со пастелна боја избојадисувани.

Напишете коментар