Skip to content

Дожд како бистра солза – Наталија Наумовска

Темно е. На светкавото небо се испишуваат грмотевици кои се слушаат од далечината. Си го слушаше срцебиењето кое се изедначуваше со дождовните капки кои паѓаа надвор и одекнуваа од олуците. Се сеќаваше на сите претходни пати кога го набљудуваше паѓањето на дождот. Секогаш паѓаше различно, а таа сакаше да го слуша звукот што го правеше симфонијата од дождовни капки покрај нејзиниот прозор. Додека беше речиси хипнотизирано насочена слушајќи, се сети кога како мала сакаше да трча на дожд и да шлапка во вировите полни со вода.

„Дождот е убав дар од природата, ѝ треба на земјата“, ќе речеше дедо ѝ фаќајќи ја за малото раче додека шетаа покрај реката. „Секогаш кога врне, тревата, дрвјата, цвеќињата и сите растенија пијат вода и си ја гасат жедтта“, велеше дедото. Љубопитните очиња на малечкото девојче стануваа уште поголеми слушајќи го како и раскажува приказни од неговото детство. Уште од тогаш па до сега веќе како возрасна девојка си ја носи со себе душевната чистина и наивност која честопати ја правеа ранлива. Беше сериозно свесна за својата емоционална ранливост.

Исцрпувачко, а воедно и благослов и привилегија да се чувствува сè на едно подлабоко ниво. Зборовите ѝ беа лекот, прибежиштето кон кое секогаш се свртуваше кога тагата ќе ја надвладееше. Точно знаеше како се чувствувале сите писатели кога го ослободувале од нив она што тлеело во нивните души. Зборовите ѝ беа утехата која сама си ја даваше на себе. Зборовите ѝ беа најдобри пријатели во бессоните ноќи и во утрата кога со забавен чекор го почнуваше денот. Таа си беше херој на самата себе, не ѝ баше потребен никој да ја спаси.

Дождовните капки што ги набљудуваше како паѓаат на прозорот ѝ заличеа на солзи. На топли, солени, бистри, искрени солзи што течат кога душата вели дека сака да се испразни, дека предолго била силна. Таква беше и таа, девојката што го набљудуваше дождот како паѓа. Ранлива, емотивно кршлива, но силна за двајца. Силна доволно за да ја преброди секоја пречка што ќе ѝ се појави на патот, за да си го оствари сонот. Доволно силна за да си го создаде животот којшто знаеше дека го заслужува.

Напишете коментар