Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради оган да горат,
врели ти усни жар да се сторат,
под твоите раце
под твојата сила,
врагој да мрзнат
и да се ежат,
другарко моја другарко мила!
Не за љубовни песни ти пеам,
не за вечери неспани тлеам,
оваа песна за бунт ти збори,
во неа крвта моја гори!
Таму –
кај пламен народен пламти,
и пушки грмат
кај борци з зори јасни
за живот
во смрт без жалба минат –
другарко, таму љубовта расне!
Сред тие бури,
в планини сури,
другарко моја, другарко златна,
прва да идеш,
прва да бидеш,
а ако куршум
младост ти зграби,
немој да тажиш,
немој да жалиш –
огнени очи не ќе ти свенат –
илјада срца со жар ќе палиш,
илјада борци во борба ќе кренат.
Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради оган да горат,
врели ти усни жар да се сторат,
под твоите раце
под твојата сила,
врагој да мрзнат
и да се ежат,
другарко моја другарко мила!
Aцо Шопов
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.