Петре Мито Андреевски (Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни 1934 – Скопје, 25 септември 2006) е македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.
Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател).
Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. Година дена по неговата смрт, на 9 октомври 2007, Поранешниот претседател на Република Македонија – Бранко Црвенковски, постхумно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.
Неговото книжевно творештво
Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома, соодветно.
Стихозбирки:
Јазли (1960)
И на небо и на земја (1962)
Дениција (1968)
Дални наковални (1971)
Пофалби и поплаки (1975)
Вечна куќа (1987)
Лакримариј (1999)
Книги со раскази:
Седмиот ден (1964)
Неверни години (1974)
Сите лица на смртта (1994)
Боеми (постхумно)
Романи:
Пиреј (1980)
Скакулци (1983)
Небеска Тимјановна (1988)
Последните селани (1997)
Тунел (2003)
Бежанци (постхумно)
Книгата драми (1984), во која влегуваат:
Време за пеење
Богунемили
Есеи:
Сегашно минато време (2006)
Стихозбирки за деца:
Шарам барам
Касни порасни (сликовница)
Награди
Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (два пати), „Рациново признание“ (два пати) и „Стале Попов“ (два пати). Романот “Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.
Овде можете да ја прочитате неговата песна Размисла – Петре М. Андреевски.
На следниов линк може да се чуе рециталот на Таа – Петре М. Андреевски.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.