Ножици в раце ќе земам,
ко стар и искусен кројач,
и парче од небото сино ќе исечам,
па в градиве мои на срце ќе го сошијам,
со игла и конец убаво ќе го прицврстам,
убавина да ми е на душава навек.
Лак и стрела в раце ќе земам
и кон модрото небо ќе нишанам,
некоја ѕвезда ќе погодам,
та во очите ќе ја ставам,
поглед полн со сјај да имам навек.
Трска за риболов в раце ќе земам,
та јадица на неа ќе прикачам
и длабоко кон морето ќе ја фрлам,
некоја школка ќе уловам
и од неа бисерот ќе го земам,
та од него обетки бисерни ќе сторам,
уши да ми китат,
бисер зборови само да слушам.
Четка и бои в раце ќе земам,
Пикасо ќе се сторам,
на бело платно желбите свои ќе ги нацртам,
а потем во весели бои ќе ги обојам,
радост и среќа во животот да имам навек.
Глина и длето в раце ќе земам,
па ко стар вајар што бардак создава,
така јас, својата судбина в раце ќе ја обликувам,
форма ќе и дадам,
душа ќе и вдахнам.
И потем,
сосем на крајот ко силен ветар ќе се сторам,
правта од телото и мислите ќе ја дувнам
лесно и едноставно,
ко мало дете што свеќичка за роденден дува,
и потем,
ќе си прилегнам на постела од цвеќе,
ко Алиса,
ќе потонам во земјата на сништата,
со длабоко знаење во себе
дека сѐ завршило добро.
Сѐ е добро.
Јас сум таму каде што сѐ е добро.
Јас сум најголемото добро.
Автор: Софија Петковска