Од сите бајки, нашата е најтажна.
Нераскажана и исплеткана со црвени конци и стапици,
со лоши кралеви и кралици,
со коњи диви и прекрасни,
со очи небесни тажни,
влажни од тагата што во совршен свет не смее да постои,
свет во кој љубовта покрај сѐ на крај
би требало да опстои и победи.
Но наместо јавна среќа,
во балската соба тајни погледи
преку сенката на свеќите што догоруваат,
допири имагинарни што повеќе од зборови зборуваат
и измачуваат кажувајќи го она што
не смеат воопшто да го кажуваат.
Каде згрешивме ѕвездо?
Кој чекор го пропуштивме моја црна бездно?
Па сега молчиме и тагувме,
во овој дворец, јас дворски шут
ти благородништво па сонуваме.
Сонуваме за судир на светови,
за парчење на невозможното на делови,
за корнење на душите и соединување во една и
заклетви под вечната бледа ноќна ѕвезда.
Време – невреме, ете ја грешката,
во погрешен период родени,
на погрешна станица застанати,
со сила занемени,
од среќата на сите околу нас заведени.
Не се мешаат божества и смртници,
пијаници и уметници,
совршено нормални и забегани лудаци.
И сега, додека пишувам раката ми трепери,
ќе пишувам сепак,
и кога последната свеќа во дворецот ќе догори,
ќе те најдам и ќе ти дадам парче од душава
затворено во сребрено ланче што кожата од љубов
ќе ти ја изгори,
ветување дека ќе те најдам и во наредните животи.
И нема веќе таму да бидам дворски шут туку,
помеѓу заробените птица во лет,
помеѓу работниците јас во тој живот ќе бидам поет,
а ти ќе бидеш и таму со плава крв чувствувам,
и дента кога ќе помислам
дека конечно незнајна болка заборавам,
тогаш ќе те пронајдам,
и тогаш кога ќе те здогледам
верувам јас ќе почнам да пишувам,
зошто три животи ќе фалиш
и ќе немам сила тогаш да ти премолчам,
само не знам дали ќе успеам
да го доловам она што од самото создавање на душава
го чувствувам и она што цела година ме измачува,
од есен па на есен,
мое мило,
мое единаесет и единаесет.
Од “Дневникот на една будала”
- – посветено
Анастасија Лефкоска