За денес споделуваме песна извадок од збирката „Тоа тогаш“ од Петре М. Андреевски.
Петре М. Андреевски е македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи.
Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.
Уживајте во читањето!
Не беша за вака
Не беше ти за ова, не беше за вака:
со мртво цвеќе во мртва темница
и мртва вода меѓу рацете.
И да не можеш да видиш никого
и никој да немаш за никаде.
Уште ми се дали, оддалува сликата
што беше слика на видот што те виде,
а лелекот не ти појде подалеку
од мојата душа, а твоја задушница.
Уште само кај мене и уште со мене
болката твоја будна ти остана
и ништо нејзино не можам да одложам
и ништо нејзино не можам да откажам.
Во нашата градина надошле коприви
и ти не можеш да поминеш, да преминеш,
оти си дојден ко никој никаков
и, како дојден, од никаде за ништо.
И на исто дрво којзнае дали се на исто:
гасеницата и листот, пролетта и плодот,
птицата и песната, чадот и огнот,
крајностите на пелинот и медот.
И којзнае дали сега јас те плачам
дека ти не можеш да плачеш,
да ми се поплачеш
и дали ќе го сакаме животот без смртта?
Не беше ти од намислено да бегаш,
од ненамислено да не избегаш,
со кошулата на лице, со лицето наопаку.
Празно во празно, да нема крај празнината
во празните очи, во празните раце.
Не, не беше ти за ова, не беше за вака…
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.