Анри де Тулуз – Лотрек (Париз, 24 ноември 1864 – Париз, 9 септември 1901) — француски сликар, голем мајстор на литографијата чии омилени мотиви беа личности и настани од ноќниот живот во Париз. Анри де Тулуз – Лотрек се има ограничено, речиси исклучително, на сцени од ноќниот живот на Монмартр во Париз. Ликовите се насликани без ни малку сентименталност, сугестивни, но без иронија и со остра карактеризација на ликовите. Неговите дела имаат висока уметничка вредност и претставуваат незаменлив општествен документ. Починал на денешен ден во 1901 година.
Потекло
Анри Мари Ремон де Тулуз-Лотрек Монфа (на француски: ‘Henri de Toulouse-Lautrec’ е роден во Алби, Тарн (француски регион). Потекнува од старо аристократско семејство, со многу уважени предци кои во минатото се здружиле и со самите кралеви. Бил син на грофот Алфонсо и грофицата Аделе де Тулуз-Лотрек. Анри бил нивното прво дете. Имал и помлад брат Ришан роден во 1867 но истиот починал уште следната година. Неговите родители биле блиски роднини, точно неговата мајка се омажила за братучедот, со намера да ја сочувааат што „почиста“ аристократската крв, но и семејното богатство да остане внатре во семејството. Во тоа време уште не се знале последиците од спојување на луѓето во блискиот семеен круг, така да Анри за последица уште од мал имал генетска мана.
Немоќ
Од своите 14 години, Анри (кој оттогаш веќе боледувал од грозница, од која неуспешно го лечеле со години, водејќи го по разни лекари) ја повредува својата лева нога, а година после тоа на 15 години ја крши и својата десна нога. Заради генетската мана неговите коски неправилно зараснуваат и неговите нозе престануваат да растат. Тој созрева и добива тело на возрасен човек, но нозете засекогаш му остануваат мали и закржлавени како на мало момче, додека лицето после завршениот пубертет му се менува и добива дебела долна усна, малку поголем нос, а видот му слабее терајќи го до крајот на животот стално да носи очила. Неговата конечна висина е 1,5 м.
Париз
Тулуз-Лотрек цртал на Монмартр, познато место во Париз каде на времето се дружеле уметници, писатели и филозофи. Кога во близина било отворено кабарето Мулен Руж, Тулуз-Лотрек за потребите на истото насликал серија постери. Оттогаш, за него имало почесно место во тоа кабаре каде бил најчест посетител, и каде ги изложувал своите цртежи.
Нарекуван бил „душата на Монмартр“, каде живеел во тек на животот. Токму во Париз Тулуз-Лотрек се сретнал со многу познати личности од неговото време, како француски, така и странски. Во 1884-та година му насликал портрет на Виктор Иго. Имал чест да се запознае со Оскар Вајлд којшто во тек на неговиот прогон дошол во Париз, па дури и да го наслика неговиот портрет.
Тулуз-Лотрек минувал многу време по борделите, понекогаш и со седмици, и за тоа време ги сликал проститутките во текот на нивното слободно време, тоалета и сл. Негов најомилен модел е црвенокосата проститутка наречена „Црвената Роза“ од која се заразил од сифилис.
Давал часови по цртање на Сузан Валадон, една од неговите модели (а веројатно и негова љубовница). Умрел од компликации поради алкохолизмот и сифилисот во семејната вила во Малроме, околу три месеци пред неговиот 37-ми роденден. закопан е во Вердле, Жиронда, на неколку километри од Малромеовиот замок, каде што и починал. Последните зборови на Тулуз-Лотрек биле: „Стара будала!“ (Le vieux con!)
Дела
Поради изгледот Анри не успевал успешно да учествува во општествениот живот и затоа целосно се свртел кон уметноста. Станал мошне значаен постимпресионистички сликар, Арт нуво илустратор, и литограф, со своето сликарство оставајќи неизбришлив документ за боемскиот живот во Париз на крајот на 19 век. Кон средината на 1890-тата, Тулуз-Лотрек работел и илустрации за хумористичниот часопис, Ле рир.
Во тек на својата кариера, која траела помалку од 20 години, Тулуз-Лотрек создал 737 платна, 275 акварели, 363 графики, 5,084 цртежи, нешто керамика, и огромен број на непознати, изгубени дела. Тулуз-Лотрек заедно со Сезан, Ван Гог и Гоген, е еден од најголемите сликари на Постимпресионизмот. Во неговото сликарство тој прикажувал сцени од ноќниот живот на Монмартр, оставил портрети на свои современици, се интересирал за она што се наоѓа “зад кулисите“ а сликал и сцени на луѓе во нивното секојдневие или работна средина. Неговиот сликарски израз е високо линеарен и ги истакнува контурите. Честопати ја поставувал бојата со тенка четка, давајќи го саканиот облик и оставајќи да се гледа белата позадина на сликата.
После смртта на Тулуз-Лотрек, неговата мајка, Грофицата Адела Тулуз-Лотрек, и Морис Жојан, трговец со уметнички слики, ја промовирале неговата уметност. Мајка му придонела со фонд за изградба на музеј на Лотрек во Алби, неговото родно место, за да ја “здоми“ неговата уметност. На аукција во 2005 година, во аукциската куќа Кристис поставен е рекорд кога сликата “Перачката”, е продадена за 22.4 милиони долари.
Слика „Перачката“
Прочитајте ја биографијата на Ежен Делакроа, уникатен сликар, предвесник на романтизмот.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.