Знаеш ли?
Ти секогаш ќе бидеш моја инспирација.
Со тебе и полињата со булки
низ кои децата ловат пеперутки
се поубави и позанесни.
И глуварчињата
што возбудливо ко ветар
ги рони испуштениот здив
се понежни и помеки.
И сончогледите
се поблиску до сонцето.
И возот што поминува
низ клисурата кон југ
во палава игра со распенетата река
создава посебна музика.
И прашливите, кривулести патеки
што водат до планинските ливади
имаат ѕвездена светлина.
И соковите што прскаат од гроздовите
на лозјата во долината се поблаги.
И презреаните праски
се повкусни и помирисни.
И јаболката во кошниците
на Преспана се порумени.
И црешите од пазувите
на езерската мома Лихнида
се поголеми.
Во мислата за тебе и со тебе
и рибите на Дојрана се златни.
И мариовските приказни
на мудрецот се поинтресни.-
И заспивањето на дождот
врз исушената земја
е боженствено.
И фреските во храмовите
се поживописни,
а звукот на манстирските ѕвона
посилно оддекнува.
И свирењето на тркалата
од запрежната кола
на циганската черга –разгалува.
И белата, памучна наметка
што ги покрива
житните полиња
има кристален сјај,
а фигурата издлабена
на нејзината површина
има душа.
И секој грациозен чекор
во непознат правец
добива цел.
И сенките во моите очи
добиваат форма и боја.
И прашината
што зад себе ја оставаат коњите
додека вршат по гумната
станува златен прав
што се рони во воздухот.
И секое наоѓање и губење во мракот
има логична поврзаност
со знаците поставени крај патот
што водат до тебе.
И клучот што влегува во клучалката
ја отвора секоја порта
како што ти го отвораш моето срце
и го просветлуваш мојот ум
со мисли кои ќе бидат вечност.
Мислата патува.
Непресушен извор на инспирација.
Знаеш ли?
Ти секогаш ќе бидеш моја инспирација.