Во старогрчката митологија, Хигија (грч. Ὑγεία) e ќерка на Асклепиј. Таа е божица на здравјето, чистотата и санитетот, а подоцна и на месечината. Таа игра важна улога и во култот на нејзиниот татко. За разлика од татко ѝ, кој е надлежен за исцелување, таа е надлежна за спречувањето на болести и одржувањето на добро здравје. Од нејзиното име потекнува поимот „хигиена“. Заштитинчка е на фармацевтите.
Култ
Во Атина, Хигија била култно почитувана барем од VII век п.н.е. „Атена Хигија“ е една од култните звања на божицата Атена. За неа зборува Плутарх кога раскажува за изградбата на Партенонот:
„При изградбата се случи чудна несреќа, која покажа дека божицата не беше против оваа работа, туку помагаше и соработуваше за да ја доведе до совршенство. Еден од мајсторите, најбрзиот и највештиот работник од сите, се лизна и падна од многу високо, и така лежеше во очајна состојба, додека лекарите не полагаа надеж дека човекот ќе закрепне. Кога Перикле се загрижи за ова, божицата [Атена] му се јави ноќе на сон, и му кажа како да го излечат човекот. Перикле тоа го стори, и човекот се излечи мошне лесно и бргу. По овој повод тој подигна бронзена статуа на Атена Хигија, на тврдината близу олтарот, за која велат дека постоела таму и пред тоа. Но Фидија пак, ја искова божицата во злато, и на пиедесталот го врежа своето име како мајстор на делото“.
Во II век н.е., географот Павзаниј ги забележал статуите на Хигија и Атина Хигија близу влезот на Акрополот во Атина. Меѓутоа, култот на Хигија како независна божица не почнал да се шири сѐ до нејзиното признавање во пророчиштето во Делфи, како и по разорувачката Атинска чума (430-27 п.н.е.) и во Рим во 293 п.н.е.
Храмови
Нејзините најзначајни храмови се наоѓале во Епидаур, Коринт, Кос и Пергам. Географот Павзаниј забележал дека кај aсклепионот (храмот) во Титана во Сикион (основан од Алексанор, внук на Асклепиј), статуите на Хигија на главата биле прекриени со женска коса и вавилонска облека. Според натписите, истите нешта се жртвувале и во Парос.
Водата играла важна улога во асклипионите. Таа била средство за чистење и исцелување. Чистотата е исклучително важна, не само чистотата од нечистотија, туку и чистотата од внатрешните агенси на болеста. За да имаме чисто тело треба да го миеме секој ден, но потребно е и да ја чистиме душата секој ден, на ниво на чувства и ум. Надворешниот ред и чистота имаат реципрочно влијание врз уредувањето на нашиот внатрешен дух.
Пофалбена химна
Арифрон, сикионски уметник од IV век п.н.е. напишал добро позната пофалбена химна во чест на оваа божица. Меѓу другите вајари, статуи на Хигија имаат изработено вајарите Скопас, Бријакс и Тимотеј, но не постои јасен опис за тоа како тие изгледале. Честопати Хигија била прикажувана како девојка која храни голема змија обвиткана околу неа, а на други статуи змијата пие од стомната во рацете на Хигија. Овие карактеристични елементи подоцна преминале и кај галско-римската божица на лекувањето наречена Сирона. Хигија ја придружувал нејзиниот брат Телесфор.
Хипократова заклетва
Се јавува како дел од Хипократовата заклетва: „Се колнам во лекарот Аполон, Асклепиј, Хигеја и Панацеа, и ги земам за сведоци сите богови и сите божици, дека според моите способности и моето расудување ќе ја одржам оваа заклетва“.
Прочитајте и за Кадуцеј и стапот на Асклепиј – двата митски симболи на медицината.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.