Skip to content

Песни од стихозбирката „Откровение“ од поетот Блаже Петревски – Ендемион

Блаже Петревски е роден во Охрид. Студирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.  Автор е на две стихозбирки: „Врвот Дно“ 2023 и „Хипербореја“ 2023 година.  Дел од неговата поезија е преведена и објавена во меѓународната поетска  антологија  на германски јазик. Поетската збирка „Откровение“ е негова трета книга поезија. Во продолжение објавуваме три песни без наслов од неговата најнова стихозбирка.

5.

Во стариот храм пред царските двери
Духот на стопените столетијата се ѕвери
Свеќите во занес вековите ги горат
Пеат во пламен на свој јазик зборат
За неколку спомени на векови дални
Скаменети во фрески на ангели жални
Молчи калуѓерот на лагата татко
Во мекото ткиво на прелеста слатко
Се гледа светец со жезол од зракот
А потем кај виси на дрво крај патот
Кон таткото свој невидливи раце крева
И расфрла химни cред херувимска врева
Од наслада прострадал секој на веков
Од лирика на која сенка ѝ слеков
Од динамитска бура распука светов
На ситни кристали кои колат во летов
Оставаат трага на вечната гранка
Од првото дрво со забранет плод
Јас прв го вкусив од него се опив
Исчезнав ко пареа во калта се стопив
Фрлам со грутки кои светат во падот
На облакот зинат долу во градот
Ги затнав сите дупки на небото сино
Што го кинат стихови ослободени од стравот
Кој вселена џвака и отпадоци плука
Тој аскет на ветрот од него што пука

11.

По водениот ѓердан кој го ниже Галатеја
Излегуваат од морето натажени сирени
Во вриежот на крвта под моиве вени
Во одежди од сињак на пламнат трон
Душата се впива во лик на Посејдон
Ја милува Првата сирена
Со нежниот ладен бран
Ги смирува сите струи
Во свеста на мојот океан
Се разлути громовникот
И братот свој го спржи
Плачат билките подводни
Нема кој водите да ги држи
Така навираат врз мене
Се топат од мојот жар
Опожарени нема кој да ги крене
Стиховите на бесмртниот глодач
Кој на громот возвраќа со гром
И небесната татковина ја пали
На подводното земско момче
Чудно небо му ѕида скали

13.

Го изораа пеколот да пронајдат мониста
Да изградат свет од светлина чиста
Единаесет светови во темнина бистра
Со лице на лелек од насмевка скината
Со мракот го гореа лицето на темнината
Го осветли патот Синот на громовите
Изгоре рајот во устата на храмовите
Подигнати во спомен на спржени мисли
Во олтарот каде немоста трепка
Распната на крст меѓу моминска клепка
Тргнаа потем виулиците снежни
Заскитани в порој на ветрови прежни
Заробени в долап меѓу четири грома
Сабјава жешка в мигум ги срона
Бисерите на светот исплетен од крв
На црната дупка што ја прободив прв
Од моите браќа сенките ги крадам
Под Првото Дрво трепетот го јадам
Повраќам оган што смрзнато грее
Меѓу две ладни струи светлината пее
Мојата сенка меѓу три света се вее

Напишете коментар