Си живеело некогаш, во некоја далечна земја, сиромашно момче. Било високо како ела, здраво како карпа, силно како мечок. Но, со кого и да се сретнело, секогаш се жалело: Црн е овој живот! За да спечалам парче леб, мора да работам, да се потам. Колку би било убаво кога би имал големо богатство, па ништо да не работам, само да уживам, по цел ден да седам и лежам.
Еден убав пролетен ден, кога момчето се прибрало во својот дом, го посетил еден старец.
− Кој си ти, старче, и што бараш во мојата куќа?
Патник сум, синко… Видов отворена врата, па влегов да ми дадеше леб…
Си ја згрешил вратата старче, зашто домаќинот на оваа куќа е најголемиот сиромав.
Так амомчето почнало да се жали на својот тежок живот.
− Зошто велиш дека си сиромав? – го прекинал старецот.
− Кога те гледам вака, ми изгледаш побогат од најголемиот богаташ.
− Ми се чини дека си дошол да се шегуваш со мене! Тогаш старецот извадил од пазува огледало, му го покажалo на момчето и му рекол:
− Погледни во ова огледало, синко! Сè што ќе видиш во него, посакај го и ќе биде твое.
Момчето погледнало и занемело од чудо. Прво видело голем дворец со златни кули. Потоа видело огромен двор украсен со безброј фонтани, а на крајот од дворот големо езеро.
− Да синко, сè што виде во огледалото ќе биде твое, ако за замена ми ги дадеш очите… Се согласуваш ли?
− Не, старче, уште сто такви дворци да ми дадеш, не се согласувам да ти ги дадам моите очи – одговорило момчето.
Бидејќи очите ти се толку скапи, дај ми ги тогаш твојте раце.
− Не, не! Не давам ни еден прст од моите раце – возбудено извикало момчето. Старецот нежно го погледнал и му рекол:
− А, гледаш ли синко, дека имаш неизмерно богатство, а ти се жалиш дека си најголем сиромав. Момчето уште наредниот ден се фатило за работа и никој повеќе не го слушнал да се жали дека е сиромав.
Народна приказна
Прочитајте и „Жената и распуканиот сад за вода“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.