Проза

Здив

   Одлучија да го испратат својот пријател, тој пак бледолик без знак на заинтересираност ги набљудуваше со полузатворени очи. Знаеше дека се собрале околу  него само поради последната реченица која им ја вети, пред стариот армиски кревет да постане неговото последно патување…

   Марчек, средовечен мешанец стоеше во аголот од собата каде ја научи првата лекција од својот долгогодишен пријател кој овој пат наместо да виори со него по полјани, беше приклештен од староста. Неволно го гледаше и не сакаше да верува дека ќе мора да се разделат. Своите седи влакна го потсетуваа дека и токму тој ќе го напушти светов. Луиза пак раскошна бујна Шпањолка со насолзени очи се беше загледала кон капутот, положен на фотелјата. Го гледаше без да трепне и се потсетуваше на долгите зимски ноќи кои не ќе беа подносливи ако токму тој капут не` и беше засолниште од студениот воздух во палатата распослана во Јоркширските северни предели. Малик пак, оној разигран и палав германец овој пат стоеше немо без да покаже емоција. Но во себе врeскаше и плачеше за својот пријател кој токму на него му носеше баварски колбаси кога ќе се вратеше од службен пат. Не веруваше, ниту пак сакаше да верува дека токму ова е последниот момент од сето она кое го правеше среќен. Овој ден Јоркшир, се` беше здал обвиен со јако сонце кое дури и најтемните катчиња од уличките ги беше осветлило. Но домот на Гилберт, одликуваниот  ветеран од Втората Светска Војна наликуваше на место каде не постои здив, живост. Каде радоста се` беше изгубила во јоркширските пештери.

   Се` започна со невина желба кога ветеранот се` беше враќал од Нормандските острови по извојувана победа над силите од Третиот Рајх. При крајот на Мај месец, пристигна во својата раскошна палата, но глас од своето семејство немаше. Разулавено трчаше по сите соби насмеан од катник до катник со желба да ги изненади својата сопруга Алис и своите три годишни близнаци Артур и Џорџ. Но изненадувањето беше прекинато од оставено писменце на работната маса  во неговата приватна канцеларија.

,, Мил мој Гилберт, со тешко срце и очи полни солзи како морето покрај нас го пишувам писмово. Ако го најдеш значи си преживеал. Твој глас, ниту писмо не` добивме со години. Близнаците мечтаеа за денот кога ќе се запознаат со тебе мил мој, кога ќе почнеш да ги учиш да ловат риба, да играат крикет. Но тој ден мил мој… не` пристигна. Знам дека можеби грешам но креветот без тебе е пуст, немој да се лутиш… Но одлучив со близнаците да се преселиме во Америка. Не не` барај. Најди ја твојата среќа на друг пат. Се надевам дека ќе ме разбереш… Твојата драга Алис. Стоеше во писмото со траги од капки солзи. ‘’

   Марчек, Луиза, Малик… маалската тројка го најде својот нов дом. Дом во кој влегоа со една единствена реченица изговорена од осамениот старец. ,,Кога ќе дојде мојот ден да го напуштам овој свет, не ми судете. Вашата слобода нека биде вашиот нов дом. Но мојата љубов кон вас нека остане засекогаш во вашите срца. Запомнете!… иако душите ќе ни станат далечни, спомените ќе останат блиску. Помнете ги само моментите поминати во радост, на тажните насмевнете се` и потсетете се на стариот ветеран кој некогаш љубеше, но љубовта го оддалечи од најмилите.’’

   Тримата долгогодишни пријатели ја слушнаа по втор пат познатата реченица како пред петнаесетина години, застанаа еден до друг и како во хор почнаа да завиваат пред нивниот починат Херој, за последен пат.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје