Занимливости и информации Македонски автори На денешен ден Писатели и поети

На денешен ден засекогаш нè напушти великанот Петре М. Андреевски

Петре М. Андреевски e роден во с. Слоештица, Демирхисарско на 25 јуни 1934, а почина во Скопје на 25 септември 2006 година. Тој беше македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. На блогот имаме доста содржини посветени на неговото дело и живот.

Читавме негови стихови, на следниот линк може да се чуе рециталот за „Кога ја љубев Дениција“. Споделивме и некои од највпечатливите цитати од неговото творештво.

Неговите стихови со наслов „Размисла“ може да ги прочитате тука. Уште бројни статии на блогот му се посветени токму на овој наш великан кој најмногу е препознатлив по романот Пиреј.

Во негова чест и спомен ја споделуваме песната

Сеќавање

Дали се сеќаваш кога првпат се сретнавме

и кога ме гледаше, правејќи се дека не ме гледаш

и кога јас те гледав, како да не те гледам;

и кога ти реков: Тој што ќе го прашаш за мене

оној е за кого прашуваш

и кога потоа се држевме за раце

како живиот оган што се држи за огништето.

Дали се сеќаваш кога се враќавме дома

и кога, пред да нè наврне дождот, ми рече:

Падна првата капка – почетокот на поплавите,

доаѓа водата што е корен на секој корен,

што е фитил во зрното, во икрата, во ципата

во кои се подготвува светската експлозија.

Дали се сеќаваш кога со едната рака работев,

а со другата те хранев и те милував

и кога ти реков дека прегратката и бакнежот

не ја кажуваат ни половината од мојата љубов;

кога срцата ни грмеа и го заглушуваа светот

и кога ти ми рече, не знам што ми рече

и кога јас ти реков, не знам што ти реков

и кога она што не можев да ти го кажам

беше меѓу моите зборови застанато.

Дали се сеќаваш кога ја отвори вратата,

покажувајќи ми колку е убав надвор денот

и кога јас ти реков дека и дома е убаво

и убаво е секаде кај што ти престојуваш.

Ти рече: Погледни! а мислеше – Те гледам,

јас ти реков: Гледам, а мислев – Ме гледаш,

кога Земјата се преобуваше, се преврзуваше,

кога сè беше јасно во јасното сонце

и качунката на повисоко си ја качуваше воздишката,

што беше несреќна само кога не е со тебе.

Дали се сеќаваш кога се тркаа мотоциклистите,

втрчувајќи и во денот што требаше да дојде,

кога Работнички победуваше во кошарка,

кога небото го задржуваше сонцето

на височината што е еднакво оддалечена од сите,

кога низ кожата ти наѕирав, како низ прозорец

и гледав што се работи во моето село,

кога јули надоаѓаше од секаде до секого,

кога од пологот излетуваше потполошката,

како патоказ на своето беспатје на полето

и кога ме праша: Што мисли јајцето во птицата?

и кога ти реков: А што мисли птицата во јајцето?

Дали се сеќаваш кога ветрот ги диплеше житата

и лицата ни трепереа во водата што ја пиевме

и на времето кога те чекав, кога ме чекаше

и кога те барав, кога ме бараше ко јагулата

што го бара родниот крај на својата смрт,

кога открај докрај ни се отвораше залезот,

кога нашите тела на својата сенка ù сенеа

и ноќта ја мразевме, зашто нè разделуваше,

но таа доаѓаше и празнината си ја пополнуваше

со карбитните ламби и фосфорот што ù светкаше

од очите на мачките, од срцата на светулките.

Дали се сеќаваш на она потоа и потаму,

кога ставаше за вечера, кога чекав да постелиш,

кога ми рече: Легни си!, а мислеше – Дојди!

и кога чу: Ќе дојдам дур да изброиш до сто,

а мислев: Мислам на тоа и ти што го мислиш.

И кога потоа твојот здив ми се доближуваше,

како превез навеан дожд, како пауново перце,

како облаче од испраните алишта што се сушеа;

и кога спиеше и продолжуваше да го калемиш

поубавиот сон на погрдиот

и кога утрото, гледајќи во твоето росно чело,

го препознаваше својот елмаз, своето ведро небо.

Дали се сеќаваш: Тој што го праша за мене,

оној е за кој сè уште прашуваш.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје