Мотивација Психолошко катче

Можеш, ако веруваш дека можеш: Текст за мотивација и оптимизам

Вербата е чудо драги читатели, ако е силна навистина прави чуда. Најверојатно го имате почувствувано ова и на своја кожа. Ако го немате ќе дојде момент и кога ќе ви стане јасно колкава е моќта на вербата. Зошто ви го пишувам ова? Бидејќи знам дека има моменти кога поединечно на некој од вас вербата во себе му е разнишана. Во тие моменти мислиме дека не сме доволно добри, не веруваме во своите способности и капацитети.

Време е да ги тргнеме негативните мисли настрана, да им се каже “стоп“ – вие не сте ми воопшто корисни, само ми го саботирате патот до успехот! Е тогаш почнуваат чудата да се случуваат. Под чуда не мислам на којзнае какви настани, едноставно за промена силно верувате во себе и се вложувате максимално во сè што ќе почнете.

Кога го “местиме“ мисловниот тек на позитивната страна, и со позитивни мисли го исполнуваме својот внатрешен глас, позитивните искуства ги насочуваме кон нас. Можеби некој ќе си рече како да бидам позитивен кога околу мене се случуваат само негативни ствари. Токму таа е поентата, без оглед што и да се случува околу вас – вие сами одбирате како ќе одговорите на истото. Вие одлучувате дали ќе бидете негативни или ќе им пристапите на нештата со позитивизам.

Која е најдобра реакција на негативноста?

Велам само на тест за вирус треба да има негативност, на секое друго место повеќе или помалку ако не е позитивна атмосферата, во себе обидете се да се чувствувате ведро. Поентата ми е дека какви и да се околностите, што и да се случува, од секој од нас зависи каква ќе биде нашата реакција. Најдобар одговор е смиреност, и речиси никаква реакција, за сè. Ова не значи дека нè сме заинтересирани за ништо или дека немаме емоции, туку дека со разбирање и трпеливост им пристапуваме на работите.

Насловот на овој текст го крстив „Можеш, ако веруваш дека можеш“, и цврсто верувам во ова. Зошто? Тргнувајќи од сопствено искуство, многу нешта за кои сум мислела дека не можам да ги направам, откако сум се обидела и сум поверувала дека можам, ми успевале.

Постои и книга со истиот наслов, од Норман Винсент Пил, мотивирачка книга која опишува слична тематика. Меѓутоа, текстот не е инспириран од неа, и ова не е рецензија.

Што било клучно при помислата дека можам и ми успеало?

Самиот обид и желбата да се успее, обидување без откажување. Кој е заклучокот? Тој е дека ако се остане на мислата „не можам“ или „не е тоа за мене“ без никаков вложен труд, така и ќе биде. Ќе веруваш дека не можеш и нема ни да сакаш да се обидеш водејќи се од мислата која си ја вкоренил во сопственото верување.

Ако на нешто ме научил животот досега, тоа е секогаш да наоѓам зрно светлина и во најмрачното. Го практикувам ова речиси цел живот, и секогаш ми успева. Не е лесно мора да се признае, но многу убаво функционира. Способноста да се гледа на светлата страна на нештата никој во себе не смее да ја занемари.

Моќта на внатрешниот глас

Нашиот внатрешен глас и внатрешната верба се од исклучителна важност при сопственото мотивирање. Ако тој глас однатре ни вели „не можеш“, „не си доволно добар“, „не те бива за ништо“, и ако му поверуваме, тогаш и мотивацијата е на најниско можно ниво, и нема голем простор за успех. Ова важи во секоја активност, во сите области. Клучно е да се пренасочи овој глас, да се зајакне со позитивизам, оптимизам и да стане самоуверен, сигурен и јасен.

Дури кога ќе се убедиме дека “можеме“, или кога ќе се обидеме да најдеме начин иако не сме сигурни како, сме направиле многу важен чекор во остварување на намерата. Сè е во ред сè додека преземаме чекори и сакаме да правиме промени. Сакајќи и правејќи промени значи дека не стоиме во место, дека се придвижуваме во одредена насока.

Затоа, можете, ако верувате дека можете. Верувајте дека можете, и половина работа сте ја завршиле. Замолкнете го гласот кој вели дека не можете да постигнете или направете нешто. Вие вредите многу повеќе од секој неуспех, и од секое откажување. Не е важно колкупати нема да успеете, најважно е никогаш да не се окажете. И повторно да се обидете, сè додека не се уверите дека сте можеле. Вие сигурно можете, ако верувате дека можете!

Прочитајте и дознајте колку малку е потребно за среќа!

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје