Занимливости и информации Колумни Литература На пауза со моите монолози

Блоговите можеби не го менуваат цел свет, но го прават подобро место за живеење

„Блоговите можеби не го менуваат цел свет, но го прават подобро место за живеење“, гласи насловот на денешното мое обраќање. Овој текст ќе го прочитаат љубопитните, оние коишто сакаат да читаат различни ставови, на најразлични теми. Вие сте токму на вистинското место. Сакате да истражувате и да правите промени во вашиот секојдневен живот.

Што претставува Крајбрежје за мене?

Зошто пишав дека “можеби не го менуваат цел свет?“ Бидејќи сум убедена дека (ќе зборувам конкретно за нашиот) блогот Крајбрежје прави некваква промена во онлајн светот на сите што редовно го читаат.
Тој е дел од моето секојдневие (и повеќе или помалку) и од секојдневието на моите колеги. Лично за мене блогот е дел од мојот животен стил. Крајбрежје не е обичен блог, туку е онлајн простор исполнет со корисни содржини од одредени области: најчесто литература и култура.

И најубавото: истиот простор им е достапен на сите што сакаат да “ѕирнат“ во него. Го прават тоа буквално од каде сакаат, пристапот е возможен од сите краишта од светот.

Значи “глобален“ медиум кој може да ги поврзе луѓето каде и да се наоѓаат. 95% од нашите читатели се наоѓаат во Македонија, а останатите го читаат блогот и од други краишта. Специјален поздрав до македонската дијаспора која будно ги следи објавите, ни значи секој ваш клик. Всушност, секој клик има своја приказна. На кликовите ние не гледаме бројки, зад нив гледаме луѓе што во одреден момент, поради некоја причина стигнале до линкот кој води до некоја содржина, или пак намерно во пребарувачот ја “искуцале“ нашата адреса. Позади секој клик стои човек, кој е подготвен да истражува, да дознае нешто повеќе, да се инспирира, мотивира и да прочита нешто корисно.

Во што сум убедена и што порачувам?

Сите посети ни се подеднакво важни бидејќи знаеме дека има причина поради која вие сте одлучиле да прочитате некоја статија. Можеби ќе посакате истата да ја споделите со вашите драги пријатели, блиски луѓе. Причините можат да бидат повеќе, една или збир од неколку, но ништо не е случајно. „Онлајн“ патиштата ни се вкрстиле бидејќи така било предодредено да се случи, некогаш јасно и прилично видливо зошто, некогаш нецелосно јасно. Но ќе откриете можеби подоцна, која била причината поради која вие сте посакале повторно да се навратите во нашата “заедница“.

Убедена сум дека ваков сличен текст како сега овој што го пишувам, во македонската онлајн блогосфера се наоѓа потешко. А со ова само се докажува зошто ние се разликуваме, и зошто постои мотото: „Еден поинаков блог“. И не го пишувам ова баш поттикната од таа намера, туку бидејќи чувствувам потреба “да се поврземе“ со нашите читатели на едно поинакво ниво. Идејата за овој текст настана спонтано, низ разговор со една драга и блиска особа. Ви порачувам да нѐ следите и понатаму бидејќи имаме што да понудиме. Ние не оставаме само дел од нашето време тука, иако и тоа е повеќе и од доволно. Затоа што и вие сами одлучувате каде, како и на што ќе си го посветите вашето лично време.

Овде во Крајбрежје одмараме од секаков вид политика и скорашни збиднувања на политичка сцена. Одмараме од бомбардирачки вести и тажни информации, лоши сценарија во светот и на Балканот. Тука е местото каде што се полниме со позитивна енергија, се инспирираме, наоѓаме нови начини и форми на изразување. Секој од вас има можност да се обрати преку категоријата „Вашиот глас“. Речиси 98% од литературните дела што ни ги испратиле доброволно самите автори сме ги објавиле, освен тие за кои сме сметале дека не се соодветни.

Во што веруваме и што нѐ радува?

Се радуваме на секој нов меил или порака во инбокс во кој ни испраќате ваше дело кое сакате да биде споделено со “светот“. Поточно, споделено со заедницата во која секој е добредојден, и до која секој има пристап. Му се радуваме на секој коментар и ни ставате до знаење кога нешто ќе ве допре, ќе ви предизвика реакција. Ни значи секое споделување од ваша страна, препорачување, препраќање и позитивниот фидбек. Дури и оние коментари кои се на некој начин негативни и критички настроени не ги отфрламе ниту бришеме. Нив ги гледаме како еден вид показател, и преку нив се прашуваме дали постои простор за корекција доколку е потребна.

Ние веруваме дека правиме минимална промена на секој што ќе се задржи подолго од една минута, во било која категорија. Со таа помисла, знаеме дека не правиме радикални промени во светот, но и една минимална дневна позитивна промена во онлајн присуството на барем еден од вас е сосема доволна. Со тоа знаеме дека нашето време (што несебично го даваме овде) не е залудно потрошено во никој случај.

Постојат повеќе видови блогови: гастрономски, за фитнес и здравје, за убавина, и уште многу други. Нивното постоење не е од скоро иако кај нас во последниве десеттина година станаа „популарни“. Крајбрежје е литературен блог, со културни и информативни содржини посветени на уметноста. Ова ќе остане така, бидејќи не скршнуваме подалеку од нашата мисија. Истата се градеше со години, а како настана првичната идеја, можете да прочитате тука.

После сѐ ова, што го напишав, непристрастно заклучувам дека блогот како таков можеби нема да го промени цел свет, но сигурно прави позитивна промена во целокупното блогерство во нашава земја.

Прочитајте ја и претходно напишаната мотивирачка колумна или колумната во која пишував за онлајн наставата и потребата од наставници.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје