Занимливости и информации Психолошко катче Социјална психологија

Кои се негативните страни од користењето социјални мрежи?

Штом го читате овој текст значи имате пристап до интернет и користите најмалку две социјални мрежи. Пишувавме за позитивните аспекти од нивното користење. Меѓутоа постојат и помалку позитивни аспекти на кои треба да се стави акцент.
Прочитајте во продолжение кои негативни страни ги издвојуваме како најважни.

Влијание врз самодовербата

Многу истражувања докажале дека неадекватната и прекумерна употреба на социјалните мрежи може значајно да се одрази врз самодовербата. Посебно на самодовербата кај младите луѓе кои се во процес на формирање на сопствениот идентитет. Покрај свесноста дека она што го гледаме е разубавена слика од нечиј живот, или само одреден сегмент, а не целина, не е лесно да се одолее на споредбата. Тоа пак може да доведе до чувство на незадоволство од сопствениот живот и слично.

Социјална изолација и отуѓување

Луѓето кои прекумерно ги употребуваат социјалните мрежи и кои се зависни од нив имаат зголемен ризик да се изолираат од нивните непосредни контакти бидејќи виртуелниот свет почнува да им биде попривлечен и поудобен. Ова пак создава простор за појава на анксиозност, депресија и други емоционални проблеми. Со текот на времето може да се воочи и дефицит во нивните социјални вештини. Честа е глетката како луѓето коишто седат заедно не зборуваат меѓусебно туку гледаат во мобилните телефони и се допишуваат со некој друг.

Анксиозност и депресија

Како што спомнавме и претходно, контактот „лице во лице“ е незаменлив и тоа е она што социјалниот живот го прави заштитен фактор за ментални нарушувања. Кога се става акцентот на онлајн комуникација индивидуата е во ризик да развие некое вакво нарушување, иако не е секогаш случај, но постои ризик.

„Страв од пропуштање на нешто“

Зависноста од социјалните мрежи кај луѓето го создава чувството дека нешто пропуштаат ако не се присутни постојано онлајн и ако не се во тек со објавите од другите кои ги познаваат или не ги познаваат. Од ова следи компулсивно деноноќно проверување на социјалните мрежи, што може да се одрази врз квалитетот на сон, запоставување обврски, внимание и концентрација кога е потребно да се биде фокусиран на нешто друго.

Промовирање нарцизам

Социјалните мрежи се одличен “простор“ за пласирање на идеализирана, грандиозна слика за себе на многу едноставен начин. Исто како што се наоѓа публика која со своите лајкови, коментари и слично истото ќе го поддржи. Животот не е Фејсбук, и Инстаграм, иако добар дел од него сите сме присутни токму на овие мрежи.

Сајбер насилство

Социјалните мрежи се погодно “место“ за различни видови насилство. Жртвите на врсничко насилство на пример, во голем број случаи изјавуваат дека истото не се врши само во училиште или во крајот каде што живеат, туку и по пар на социјални мрежи. Тоа се случува преку објавување трачови и лаги за нив, фотографии и навредливи коментари, упатување закани, исфрлање од групи и слично.

Важно е да се заклучи дека одговорот на прашањето „Која е најдобра препорака, како да се постапува?“ е умереноста. Колку поумерено се користат социјалните мрежи, толку помали би биле негативните ефекти кои произлегуваат од истите.

Прочитајте и кои се позитвните страни од користење социјални мрежи.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје