Пробувам да напишам поема
Побудата ја заклучив во фиока
И клучот остана таму
Побуда нема, поема нема
А сакам, да напишам поема
Земав лист, земав перо
Перо ми се јави да одиме
На по една чашка вино
Виновно се чувствувам
За поемата заборавена
А сакам, да напишам поема
Сакам колку што сакам се`
Колку што сакам и бурбон
И сон после него
Поемата ме чека и тропа
Нервозно со ногата лева
Јас пак летва направен
мислам на расказ
Знам дека ја изневерив
Знам дека сум проклетник
Со ум расипан и неразбирлив
Пропуштени повици имам
од неа, од таа поема желбовна
Елегично аздисувам со расказот
Прељуба бидна во ноќта
тивка и ладна
Каде ли талка сега, таа
Поема нераскажана
Лута по умови разни
Кај мене абер нема да дојде
А сега побуда имам
имам и желба
Но поема немам…
Љубител на зборот, надреално пишан и кажан. Кој спокој бара во несекојдневието и природата.