Кои лекции ги научивме во изминатава година?

Изминатава година навистина беше огромен предизвик за сите нас. Нè потсети на некои подзаборавени работи, ни овозможи да увидиме и да потврдиме кои нешта ни се најжвани. Прочитајте ги во продолжение лекциите кои ги научивме (а на некои повторно се потсетивме) во годинава што ја испративме.

Здравјето е најважно и на сите треба да ни е приоритет

Повеќе од никогаш сфативме дека со здравјето нема играње и без него нема квалитетен и убав живот. Кога тоа е влошено животот е мачење, борба и тешкотија. Изминатава година сфативме колку е малку потребно за човек да го изгуби скапоценото здравје, но и колку ние луѓето сме кревки и подложни на заболувања. Исто така видовме и дека човекот може да преброди и тешки заболувања, со силна волја и желба за живеење.

За да се промени начинот на живеење потребни се само 24 часа, а и помалку

Овде сакам да потенцирам дека потребен е само еден ден за да се случи крупна промена која ќе има последици врз целото човештво. Пред заразните болести, но и природни катастрофи луѓето се немоќни, небаре се како новороденчиња оставени на милост и немилост во некоја шума. Не е потребно премногу за да се смени начинот на живеење, во неполн месец речиси целото население научи да носи маски и мораше да се прилагоди на новите начини на функционирање.

Можело да се седи дома и да не се оди по кафани, а и да се прославува без групни веселби

Не велам дека кафаните не се потребни, ниту пак дека веселбите треба да престанат. Поентата ми е дека ако кафаните не постоеја и без нив ќе се живееше. Но и дека луѓето можат да слават и без големи церемонии и групни собирања и славења. Се поставува прашањето дали традициите ќе продолжат да се одржуваат и понатаму во идниве месеци или повторно ќе бидат ставени на пауза.

 Само најважните луѓе и оние на кои им значите ќе бидат покрај вас во добро и зло

Како никоја претходна година имавме можност да видиме кои луѓе вредат да останат во нашите животи, а со кои патиштата дефинитивно треба да ни се разделат. Велат пријателите на мака се познаваат, па ако некој не заслужува да го наречете ваш пријател најверојатно веќе и контактот ви е прекинат.

Седењето дома цел ден не е толку лошо кога знаеш како да го распоредиш времето

Оваа лекција интровертите ја знаеја многу добро, па каранитот не им падна воопшто тежок. Дури и оние кои мислеле дека е незамисливо да се седи дома континуирано многу часови сфатија дека седењето не е тешкотија ако најдеш начини да го пополниш времето што ни е дадено на располагање на сите подеднакво.

Може да се работи и следи настава од дома, но чувството и атмосферата се поинакви

Точно е дека многу работи и пред ковидот можеа да се работат од дома, но со пандемијата се отвори потреба за некои професии да се работи од комфорноста на домовите. Заклучокот е дека секогаш ќе има професии кои ќе можат да се работат од било кое место наместо во канцеларија. Но секогаш ќе постојат и оние кои најдобро е да се одвиваат со физичко присуство како на пример училиштата, факултетите. Односно секаде каде што е важен човечкиот контакт, врска и комуникација каде што е потребен фидбек. Ништо на светов не може да го замени класичното предавање во училница или предавална (амфитеатар) полни со ученици/студенти и еден настаник/професор кој користи одредени метод за спроведување на наставата.

Не знаеме што ни носи следниот час, следниот ден па и месец

Научивме повеќе од никогаш да го цениме мигот и да ја почитуваме моќта на сегашниот момент. Исправени сами пред себе знаеме дека каде и да одиме од себе не можеме да побегнеме. Покрај тоа, баш поради неизвесноста од идните моменти научивме да живееме за СЕГА и ОВДЕ. Бидејќи животот се случува токму во овој миг, а само овој миг ни е целосно загарантиран. Никој од нас не може со стопроцентна сигурност да каже што ќе биде следно. Ова е уште поголема мотивација да ја прегрнеме сегашноста во која живееме.

Чувствата треба да се искажуваат, а блиските да се сакаат додека се покрај нас

Во период кога беше повеќе и од јасно дека сите сме гости на оваа планета, дека не знаеме кога ќе ни чукне последниот час, сфативме колку сме среќни и благословени што најблиските се покрај нас. Сочувствуваме повеќе од никогаш со сите оние кои изгубија некој драг. Но чувствуваме и огромна благодарност што најмилите останаа здрави и присутни. Ги почитуваме како што заслужуваат, но со голема свесност дека треба да им даваме уште повеќе љубов и внимание додека се покрај нас. Научивме искрено да им кажуваме што чувствуваме затоа што животот е прекраток да се премолчуваат чувствата.

Прочитајте и за испраќањето на една година и новите почетоци!

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!