Езоп за деца: Лавот и Глушецот – Поучна басна

Со големата глава потпрена на шепите, Лавот беше заспал длабоко во шумата. Срамежливо мало Глувче неочекувано налета на него и од страв и брзање да се извлече, истрча над носот од Лавот. Лут затоа што Глувчето го разбуди од слатката дремка, Лавот ја положи огромната шепа врз него, решен да го убие.

„Поштеди ме!“, го молеше малото Глувче. „Пушти ме да си одам, те молам. Еден ден ќе ти се оддолжам, ти ветувам.“
На Лавот, самата помисла дека еден глушец би можел да му помогне му беше смешна, па затоа што го глувчето успеа да го насмее и расположи, тој реши да го поштеди.

Неколку дена подоцна, додека го демнеше својот плен во шумата, Лавот беше западнал во ловечка мрежа и не можејќи да се ослободи, ја затресе шумата со лутото рикање. Глувчето, кое беше во близина го препозна гласот на Лавот и брзо поттрча да го најде. Кога го здогледа како се мачи во мрежата, Глувчето бргу тргна кон јажињата и почна да ги грицка. Грицкаше и глодаше сѐ дури не го ослободи.

Лавот веќе ослободен, се заврте накај Глувчето за да му се заблагодари, а тоа му рече:
„Се смееше кога реков дека ќе ти се оддолжам. Еве, сега гледаш дека дури и еден мал Глушец може да му помогне на еден голем Лав.“

Тој ден Лавот сфати дека ниедно добро дело не е залудно и реши веќе никогаш да не потценува ниедно мало суштество.

Прочитајте ја и басната „Лисицата и грозјето“.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели