Skip to content

Ана Атанасковиќ – Белградски цртички кои значат живот

Го сакам Белград затоа што фризерот заради мене останува до 22 часот, затоа што луѓето разговараат едни со други, патат во кафеаните, затоа што во пекарниците можеш да бараш колку реш печен да биде лебот, затоа што во Ресавска на есен е свет мир, затоа што Белград е дом во вистинската смисла на зборот. Тоа ниту една белосветска паштета не го откупува.

*

Во Белград животот оди вака: ноќта гледаш филм за YSL, а утредента бабичката комшивка ти ѕвони на врата, ти ги скратила пантолоните за 200 динари и сошила ново копче за коланот да биде поширок. Вели, најдов некое сребрено копче за да се согласува. Тоа е од нејзината кутија ризница во која веќе неколку децении престојува богатство од дребулии. И знаеш кое копче ќе биде во прашање? YSL! Па тогаш, повторно копче, старо искршено и не може да се тргне.  Го носам кај чичкото во Захумска, кај мајсторот во познатата работилница. „Колку чини?“, го прашувам мајсторот. „Ништо“, одговара. Ете, тоа ти е Белград – копче кое доброволно го закопчува папокот на светот.

*

Белград ти се вечните тајфуни во Масарикова. Тука дува и кога нема ветар. И баш тука ќе го сретнеш другарот пет минути од кога во седумка ќе помислиш на него. Белград е накинџурен, вртлив ветар кој ти носи пријатели кога најмалку се надеваш. Белград е љубов.

*

Белград – тоа ти е госпоѓицата М во Клубот на писателите, која става пет извичници покрај името на мојот другар Миле кој ни закажува вечера. „Мора да имаме маса до музиката“, вели тој. „Ќе ставам пет извичници да биде така“, вели таа. Белград ти е деноноќна песна, живот кој се прекршува и извиткува така, што сите доаѓаат да го слушнат нашиот белградски глас, пијаните од обврзувачката љубов, триглавиот ризик, суровата страст и одењето по жица.

*

Белград, тоа ти е кога во кафеаната „Стара Скадарлија“ на новата пријателка сè ќе ѝ раскажеш, до коска, и таа тебе. Вашите болки и среќа ќе се спојат во еден прамен. Старото и новото се секогаш испреплетени во овој град, создаден од ветар, солзи, наезда  и прашина. Еден странец кажа дека тоа е „too crazy”. Но кој ги шиша таквите странци. Никој, затоа што немаат прамен на блискост, нема ни што да се шиша.

*

Продавачот кој ми продава коприви на Цветко ми вели: „Немојте никогаш да се оптеретувата. Барем не кај нас.“

*

Белград – тоа ти е непознат дедо во тиркизна Champion маица кој, додека јадам стапче чекајки тролејбус на станицата Новопазарска, ми вели: „Добар апетит!“

*

Белград – тоа ти е кога го игнорирам пешачкиот на Булеварот за да фатам шестка, а човекот кој излегува од неа ги шири рацете и ми прави дочек: „Повелете девојче, повелете, само немојте да се соблекувате!“

*

Убавината на Белград е, всушност, во тоа што тој е идеја, манир, дух, пукнатина во дрво. Тој не е фасада туку емоција. Затоа се сака и кога не си тука.

*

Белград ти е бабичката преку пат која ти поклонува полнети пиперки од кои мириса целиот ходник, непознатиот тип во кафеаната Верона кој ти кажува дека имаш бисерна насмевка и желбата да го гушнеш целиот град, од Бежаниска коса, преку Кошутњак до Ѕвездара и, така завиткан со асфалт и ридови, да го сакаш целиот свет.

*

Пазарот Калениќ. Меркам домати воловско срце. Продавачот ми вели: „Повелете, прв домашен оваа година!“ Земам и ги мери, ја кажува грамажата точно до грам, па потоа цената: „95 динари“. Јас давам 100. „За таква насмевка 90“, се поправа. „А кој знае каква е насмевката под тие мачкасти очила, би било и нула динари.“ Кажува искрено, не поради трговијата.

*

Белград, тоа ти се утринските трубачи кои ја свират „Само песната знае“, неизоставната Рушка Јакиќ на Лион во зимски хеланки, продавачот на Цветко кој ми вели: „Кромидот не мораш да го платиш, нема во динар да се гледаме“ и нечиј разговор во супермаркетот: „Наместо да свириш и млатиш пари, ти се млатиш по идеи!“ Белград – тоа е вечно утро, вечна ноќ, вечен жив збор, вечна живост.

*

Белград – тоа ти се тројца младичи во ресторанот „Пионир“, едниот е келнер-менаџер-сопственик, што ли, останатите се негови другари нагрнати со српски знамиња, кои му кажуваат на тој што седи пред нив: „Брате, ајде седни и гледај со нас!“

*

Ти благодарам, Белграде, што ме прегрна, затоа што ми ја мрсиш косата во Масарикова, мислиш на мене од Бежанија, ме штитиш со своите ридови, ми зборуваш „мила“ низ устата на дебелката пекарка, затоа што се радувам на твојот луд занес, затоа што ме прими во твоите машки бедра (Булеварот и Кнез Милош). Те сакам, Белграде,7 и кога ќе се скараме, и кога ми тропаш на прозорецот. И кога молчиш. Ти си мојата сродна душа.

*

Да сакаш еден град, всушност, значи да се сака животот. Да се сака животната врева, нијансите, сите гласови кои не се секогаш пријатни. Ако не го сакаш животот, себе во него, целиот шарен град полн со секакви челусти и препреки, тогаш нема на вистинскиот начин да сакаш и друго суштество.

*

Продавачот на брашно и на тикви на Цветко: „Извинете што почекавте, се карам со жена ми, бара веднаш да ја дигнам слушалката, а јас имам муштерии!“ Зедно со продавачот на зелка кој ја пее „Три ливади“ и со снегот, доживувањето е целосно.

*

Денес, околу 13 часот, на Лион е вака: бабичката комшивка, шнајдерка од 80 години, ми шие фустан од кадифе за Нова година и на пробата ми ги објаснува маките околу изрезот: „Се изместува, ѓавол да го измести!“ Тогаш ми дава полна кеса јаболка (секогаш кога ѝ давам колачи сака да ми се оддолжи); ѝ велам: „Многу се!“ „Јади и молчи“, дофрлува додека ја затворам вратата. Гледаш, во Белград преку пат не е молчењето, туку залак од зборови или заедничка пита од јаболка.

*

Цветковиот пазар! Бадниково утро. Продавачот: „Помала или поголема кеса?“ Јас: „Помала.“ Продавачот: „Помала како мене!“ И ако се појави, во Белград суетата се топи како снег околу работ на тротоарите. Се растопува во виц, во шега, во раката на рамо. Се одвејува како шеќерен прав од ванилици.

*

Белград – тоа ти е прекрасниот комшија кој ми ѕвони во 7 и 10, иако брза на работа, во сон мислам дека е грешка, не, ѕвони и понатаму, упорен е. Сум ги оставила клучевите однадвор (кој знае по кој пат), па се грижи некој да не ми ги земе. „Извинете што ве будам, видете што сте направиле.“

*

Гледаш, јас го сакам Белград поради луѓето. Поради непознатото момче кое во супермаркет на каса ми вели:  „И мајка ми има така излакирани црвени нокти!“ И поради продавачот на пазар кој се внел во играњето шах, па кога ќе го прашам: „Кој продава грав?“, еден вели: „Тој! Тој сè продава, и куќата!“ Спонтаното смеење овде ја топи секоја лутина.

*

Ноќта на Булеварот поминува вака: семафорот е црвен цела вечност. Покрај мене се момчиња кои велат: „Брате, семафорот заглави. Ајде преку (ги чека пицерија). Поминувам и јас со нив додека е црвено. Тешко е некого, кој секогаш поминува надвор од зебрата, да го натераш на тоа. Во Војвода Шупљикц непознат минувач ми кажа: „Haugh!” Како да не го сакам овој град?

*

Овој град ми прилега како нишка кадифе. Во недела наутро другарка ми се јавува дека во кафетеријата на Косанчев, во кој бевме претходната вечер, ја сочувале заборавената јакна. Во овој град се сложуваат коцките за мене, иако не сум некој кој е тука роден. Тој е калдрмска судбина, центар на мрежата во која сама се фатив, затоа што сакав, затоа што љубев, затоа што љубам. Овој град е како котел кој врие, оган под мермер, дрвен клуч, раширени раце. Некако овде сè ми се крои по мера, кога не очекувам, но сум заслужила да очекувам.

*

Белграде, запиши ја во срцето оваа ноќ во која тој ми кажа: „Ти си добро дете, јас многу те сакам, немој да плачеш, ќе ги испијам твоите солзи, ти си најубавата жена на светот, јас би те гушнал и не би те пуштал никогаш повеќе.“ Тој мене ми е душа над земјата и над небото, надвор од облаците, надвор од страста. Му реков: „Со судбината ги гребам раскрсниците. Понекогаш се уморувам од тоа, како сега.“ „Немој“ рече, „никако така.“ А ти, Белграде, заедно со него, помогни ми наутро повторно да се соберам и да се подигнам. Запиши, заведи и исполни.

*

А ти, Белграде, ја знаеш судбината на секој од нас, само молчиш таму некаде на Војниот остров. Молчиш и чекаш да ѝ се поклониме.

*

Белград, тоа е вкусот на првите сливи џанки од ѕвездарската џунгла кој ми останува во устата цела ноќ, дребулиите и облеката во дворот, момчето на велосипед кое со другарите се договара: „Може утре?“ и топлиот самрак кој некому носи мир, некому немир – тој тоа не го знае додека рамномерно се разлева над збиените градски ридови и долини.

*

На Цветковиот пазар наоѓам гуина трева (заб. магарешки трн) и први сливи, со коментар на продавачот: „Што сакаш, да ти дадам за џабе, мајмуне еден“ (на некој друг) и продавачката: „Здраво и убав ден да имаш, шеќерче!“ (мене). Тогаш поминувам покрај биртијата „Цветко“ во која хармоникашот свири и под маски „Кажувај друже, кажувај ми сè!“ Цветко е место на некогашниот „крај на светот“. А сите знаеме дека крајот секогаш е почеток.

*

Да се сака еден град значи да му се заблагодариш за сè што ти дал, за сите луѓе кои си ги запознал и искуствата кои си ги имал. За сите можности кои си ги пропуштил и не си. За седењата во „Шанса“ и светнатите очи и чаши. Да се цени како те обликувал да станеш камче кое се радува на својата мазна, фина, елегантна форма. Да се сака еден град значи да се сакаат неговите улици и сите чекори кои си им ги дал. И луѓето кои пред тебе биле тука и песната на опстанокот која се одржува, какви и да го снашле времиња.

Да се сака еден град значи да не се откажуваш. Затоа што, дали човек кога ќе се разболи го сакаме и понатаму? Така и градот. Сешто го снаоѓало, а тој се издигаше од огнот и од рушењата. Баш тогаш е потребно најмногу да го сакаш, а не да кажеш: „тоа не е повеќе мојот град“. Тој нема никој друг освен нас. Да сакаш еден град значи да го сакаш неговиот дух, место, космичката матрица, испредената старина, неговата дрвена, радосна душа.

*

Го сакам Белград затоа што во него можам да го гушнам својот живот.

*

Балканот и Белград. Тука се чувствува мирисот на благост на доматот, а не пластика. Тука одам кај билкарот и му велам: „Таква и таква работа, не можам повеќе да ја пијам онаа горчлива гуина трева, имате ли нешто слично?“ а тој ме погледнува без прекор, ме милува со очите. Овде се сливаат емоции и овде маката бидува некако полесна. Затоа што живтот е горчлив, но реките насмевки и мириси го прават посладок.

*

Белград е кога гладен се враќаш од пазар, а во ходникот превкусно мириса на ручекот на комшивката. Тој е и упорното ѕвонење на телефонот од педесеттите и некоја во станот преку пат. Белград е катче, и мало и големо, по потреба. Некогаш можеш да сретнеш мноштво луѓе, а некогаш никој. Но, не си сам, затоа што го имаш него. Белград е место во кое животот можеш да го дофатиш за неговата ѕвездена опашка.

*

„Не е проблем да кажеш два пати ,добар ден’, подобро е од ниту еднаш“ – рече продавачот на ореви на Цветко.

*

Калениќ, додека свират новогодишните трубачи. Продавачката на портокали: „Комшивке, девојче, дали ти треба поцврста кеса, дали одиш далеку?“

*

Пред тезга сум, плаќам јаболка. Ја држам кесата во левата рака. Ја испуштам, јаболката се растркалаа, едно под другата тезга. Се обидувам да го дофатам, но не можам да ги свиткам колената и се откажувам.

„Што се случи? Каде е? Дофатете го“, вели продавачот.

„Не можам, поради колената, не е важно“.

„Еве јас“, се обидува тој, но не успева. „Еве тогаш уште едно“, ми дава уште едно јаболко со насмевка.

Тоа се мали нешта за кои срцето се радува кога ќе посака да се радува без калкулации.

************

Превод од српски: Татјана Маженковска

*****************

Ана Атанасковиќ е српска писателка, авторка на збирките раскази „Белградски мајски раскази“ и „Белград е љубов“, романите: „Дует на душите“, „Кралица на јоргованите“, „Даворјанка Пауновиќ: љубов, страст, власт“, како и на романот „Мојата љубов Никола Тесла: приказна за Кетрин Мекмехон Џонсон“, кој пред македонската читателска публика беше претставен во 2022 година, во издание на издавачката куќа „Икона“ од Скопје, во превод на македонски на Жаклина Ивановска.

Наскоро, во издание на белградската издавачка куќа „Лагуна“, од печат треба да излезе најновиот роман на Ана, „Жената на змејот“.

Други текстови од Ана Атанасковиќ и информации за неа можете да прочитате на нејзиниот блог.

На нашиот блог можете да ги прочитате уште и:

„Расказите за тато“Интервјуто со Ана Атанасковиќ и Препораката за читање на романот „Мојата љубов Никола Тесла“ од Маја Дојчинова.

Напишете коментар