На тема Ковид-19 и пандемијата честопати пишував на блогот. Првата колумна ја напишав уште откако изби „веста“ околу случајот со директорката односно докторка вработена во државна болница. Пишував за немарноста, непрофесионалноста и непочитување на етичките кодекси.
Тогаш не беше јасно кон каде ќе се насочува целата ситуација, вирусот беше тазе откриен, карантинот не беше на повидок. Набрзо после тоа неколку денови соопштија затварање на градинки, училишта и факултети. Од тој момент барем јас знаев дека “револтот“ што ми се јавил уште при првиот ден бил сосема оправдан.
Што презедов јас како уредник и автор на сопствениот блог?
Пишував предлози што да се прави дома за време на карантин, како квалитетно да се исполни времето што го имаме на располагање.
Напишав статија со 6 лекции што ги имавме дотогаш научено од пандемијата. Истите важат уште.
Пишував за тоа како светот запрел, според мое лично видување.
Преведов една и уште една статија од портали од соседството.
Сè ова со која цел? Да ја подигнеме свеста пошироко, луѓето да не се чувствуваат изолирано и осамено. Посебно оние кои беа принудени да бидат во изолација. Но и оние што се чувствуваа депримирано. Што страдаа од покачена анксиозност и имаа потешкотии во прилагодувањето.
Пишував за сите нив, за сите нас. Сите бевме соочени со исто. Исправени пред истите или навидум исти битки. Дававме сè од себе да бидеме приземјени. Да ги примаме информациите без паника и преголеми грижи. Некому тоа успеваше повеќе некому помалку.
Прашањата што треба секој да си ги постави на себе
За миг помислете на сите луѓе што ги познавате, а ви значат. Дали некој беше заболен од вирус? Дали вашите најблиски беа и останаа здрави? Дали вие успеавте да се зачувате и не се заразивте? Кога последно сте виделе некои драги луѓе? Која ви беше последна средба со сите поважни луѓе во вашиот живот?
Ви поставив многу прашања, одговорите ги имате во себе. Според нив ќе заклучите колку сте имале среќа. Сепак во голема мера тоа е и ваша заслуга. Сте биле дисциплинирани и сте почитувале мерки. Можеби и не сте почитувале целосно, но среќата ви била наклонета. Сепак, со здравјето нема руски рулет, нема коцкање. Сите знаеме колку е тешко да се врати кога е изгубено.
Сетете се како деца кога имавте температура. Бевте млитави, ви се спиеше, немавте ниту енергија ниту желба да станете од кревет. Телото ви се потеше, ве болеше грло, а некогаш имавте и кашлица. Нели не буди пријатни чувства замислата?
Епа замислете колку би било лошо да ви се случи ова истото, проследено со главоболка, болки во граден кош, отежнато дишење итн. Не ги споредувам обичниот грип и настинка со вирусот, само правам мала паралела укажувајќи дека симптомите за Ковид се потешки и не може да се излекуваат со чорапи натопени со оцет. Ниту со компир на глава или ракија врзана со шамивче на врат.
Информацијата дека на годишно ниво голем процент луѓе губат животи и од грип, не била толку медиумски присутна како што сме преплавени со вести за вирусот.
Сепак луѓето губеле животи и во нормални околности, и без вируси, пандемии и заразни болести. Природен тек на настаните од една страна, а од друга целосна неправда ако тоа е случај на прерано загубен живот. Што можеме да направиме ние?
Прифаќање на нештата. Помирување со крајност како таква, бидејќи секој почеток има и крај. За работите што не можеме да ги промениме, навистина што би можеле повеќе да направиме освен да ги прифатиме? Знае некој одговор? Освен да се обидеме да ги заборавиме, или да ги потиснеме. Но порано или подоцна доаѓаат на површина. Некогаш и неочекувано, без прашање и дозвола.
Кои лекции дополнително беа научени изминатиов период?
Во продолжение ќе ги набројам накратко истите.
Времето си минува исто без оглед дали сме дома или надвор
Се разликува само степенот на пријатност во активностите што сме ги правеле. Ако било забавно имаме чувство дека времето летнало, ако ни било здодевно ни се чини дека поминало предолго време. (Овој факт е научно потврден).
Секогаш треба да одвојуваме време за себе, каде и да се наоѓаме
Не мислам само време за лична хигиена, средување, облекување и дотерување. Мислам на квалитетно поминато време во самотија, најмалку од еден час. Со книга, запишување мисли, слушање музика, пеење, танцување, медитирање и што ли уште не, списокот е предолг.
Грижата за менталното и физичкото здравје е најважна, со или без пандемија
Нема потреба овде да се должи премногу, нели? Сè е содржано во една реченица.
Најважните луѓе во нашиот живот можеби не се најсовршените или најпаметните, најубавите, но нас ни значат живот
Дека треба да ги почитуваме најблиските околу нас, да им дадеме простор да се изразат, да им бидеме поддршка, рамо за плачење…Времето минува, а ние секогаш нема да го имаме доволно или на “претек“ ниту пак можност постојано да бидеме покрај нив.
Секој миг е важен, секој час е од исклучителна важност
Истите не смеат да се трошат премногу на неважни нешта. Приоритетите на прво место и нивно исполнување, да не се прават исклучоци за никого и ништо.
Дисциплината треба да се задржи и одржува постојано речиси во секакви услови
Не сме роботи. Секогаш не може да “тече“ сè глатко, и со ист интензитет секој ден. Меѓутоа ние сме тие кои сами треба да ги креираме своите навики. Сами одлучуваме како ќе ги негуваме истите. До што ќе се придржуваме и кои “принципи“ ќе ги следиме.
До следно, останете во добро здравје!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.